Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.
„Ваше Блаженство,
Дозволете ми, Вам лично, на сите православни верници во Република Македонија, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Водици е празник кој го потенцира значењето на светата тајна на крштевањето како еден од столбовите на христијанството. Одбележувајќи го денот кога свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во водите на реката Јордан, ние го славиме нашето духовно раѓање, што ја зацврстува нашата верба, ни дава надеж за подобро утре и не поттикнува меѓусебно да се почитуваме и да се престигнуваме во добрина. Тоа се вредности врз кои ја темелиме и вековната македонска традиција на соживот и на почитување и прифаќање на различноста.
Нека овој празник, кога ги осветуваме нашите води, ни даде можност да посветиме внимание, почит и љубов кон нашите семејства, соседи и пријатели, свесни дека сплотени можеме да се справиме со сите предизвици и искушенија.
Нека ни е честит и вековит овој голем христијански празник!“- се вели во честитката.