„Министерството за внатрешни работи изминативе години ги постигнува своите најдобри резултати во историјата. Според истражувањата на ОБСЕ, довербата и задоволството на граѓаните од полициското работење бележат континуиран напредок. Тоа е знак дека граѓаните ги препознаваат нашите напори и ги вреднуваат проектите кои ги реализираме за доближување на полицијата до заедницата и нејзино претворање во вистински сервис согласно највисоките демократски стандарди“.
Ова, меѓу другото, го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната промоција на проектот – “Систем за микроучење во државната служба“ што се одржа во Центарот за обука во Идризово а на која што присуствуваа и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски како и амбасадорот на ОБСЕ во РМ, Ралф Брет.
Говорејќи за овој нов проект што ќе биде достапен за едукација и професионална надградба на вработените во МВР, Јанкулоска посочи дека овој нов електронски облик на учење е всушност виртуелна електронска алатка за учење, која делумно го заменува и потпомага стандардното учење.
„Системот за е-Учење овозможува изработка на курсеви и обуки за одредени теми, поставување на материјали за учење, планирање на курсевите – распоред на активностите, календар, работа со образовни материјали (датотеки) и образовни содржини, проверка на знаењето и оценување на учесниците, многубројни алатки за комуникација и соработка помеѓу корисниците“, потенцираше Јанкулоска, притоа нотирајќи дека овој систем е наменет да послужи како дополнително средство во процесот на учење и да биде од помош на сите учесници на курсевите и обуките во Министерството.
Според Јанкулоска со воведувањето на системот на микроучење, практично, отпочнува нова фаза во континуираната едукација на вработените, проект кој беше предвиден во програмата поддржана од граѓаните на минатогодишните избори. “Подобро едуцирани полициски службеници претставуваат услов за поефикасна полиција, а за граѓаните попрофесионален сервис“, истакна министерката Јанкулоска. Инаку се предвидува во првата фаза преку системот да се постават преку 1300 наслови и поголем број на курсеви, по што ќе следи и фаза на задолжително лично самотестирање на вработените.a