BSC систем: Пет скопски клиники, болници и здравствени домови во РМ со најдобри постигнувања

Клиниките за гастроентерохепатологија, уво, нос и грло, торакална и васкуларна хирургија, за хируршки болести „Св.Наум Охридски”, за психијатрија, како и Клиничката болница во Штип и општите болници во Гевгелија, Струга, Велес и Кочани, се јавни здравствени установи со најдобри постигнувања во 2013 година.

Oва го покажуваат од резултатите од имплементацијата на системот за Избалансиран приказ на постигнувањата на јавните здравствени установи (Balanced Score Card), кој почна да се применува во 2013 година, како една од најсовремените стратешки алатки за следење на работата на јавните здравствени установи во Република Македонија. Станува збор за алатка со која се евалуираат постигнувањата на менаџментот на секоја здравствена установа, преку следење на четири области: финансии, пациенти, клинички фокус, развој и обука.

На презентацијата на резултатите денеска на прес-конференција министерот за здравство рече дека Клиниката за гастроентерохепатологија ги постигнала сите предвидени таргети по индикаторите, односно работи без долгови, не го надминува буџетот за лекови и медицински потрошен материјал, поттикнува воведување на нови интервенции и научна работа, и согласно спроведените анкети пациентите се задоволни од здравствените услуги, а Клиничката болница во Штип има најголеми достигнувања од областа на финансиите

Посочи дека меѓу болниците со најдобри постигнувања за 2013 недостига Градската општа болница „8 Септември“, бидејќи, појасни, таа јавна здравствена установа оваа година има зголемен обем на услуги, а тоа значително влијае на финансиската состојба, за што ќе биде направена евалуација во наредниот период.

„Кај здравствените домови во топ 5 се издвоија ЗД во Валандово (со исполнети сите таргети од областа на клинички фокус, пациенти и развој и обука), во Скопје, Берово, Делчево и Пехчево. Меѓу специјалните болници, најдобри постигнувања има Специјалната болница за белодробни заболувања и туберкулоза – Јасеново, потоа Заводот за физикална медицина и рехабилитација со целосно исполнети таргети по индикаторите во областите на пациенти и клинички фокус, како и Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, кој и покрај зголемениот број на пациенти, бележи намалување на долговите“, рече Тодоров.

Станува збор базични резултати кои треба да претставуваат поттик за натамошно подобрување на постигнувањата на јавните здравствени установи, односно целокупно унапредување на здравствениот систем во државата.

За 2015 година, истакна, развивме нова методологија со утврдени национални индикатори, како и индивидуални индикатори на успешност за секоја јавна здравствена установа, а предвидуваме поголем број индикатори во сите области.

„Од новите индикатори што се воведуваат би ги издвоил: следење на реадмисии или ревизии во рок од 30 дена по хоспитализација или хируршка интервенција, смртноста од мозочен удар или миокарден инфаркт, процент на породувања извршени со царски рез, време на чекање за хистопатолошки наод, искористеност на операциони сали, должина на болничкиот престој, неоправдано препраќање во други здравствени установи, како и индикатори во врска со итната медицинска помош.“- додаде Тодоров.

Значајна новина е што доколку долговите на јавната здравствена установа не се намалуваат, а тоа се должи на зголемениот обем на работа, тогаш тоа нема да се одрази на постигнувањата на таа установа.

Со последните измени на Законот за здравствена заштита, системот за Избалансиран приказ на постигнувањата на ЈЗУ, е ставен во законска рамка, односно станува законска обврска според која ќе се евалуира менаџментот на јавните здравствени установи. Согласно измените, директорите на ЈЗУ се должни да организираат и обезбедат тековно прибирање и обработување на податоци потребни за мерење на клучните индикатори на успешност, како и внес на податоците во интегрираниот здравствен информатички систем најдоцна до петти секој месец за претходниот месец.