Годинава, меѓународниот царински ден е посветен на темата „Кооординирано гранично управување“.
По тој повод, на иницијатива на Царинската управа на Република Македонија на сите граници, шефовите на граничните премини одржаа билатерални средби со совоите колеги царинските служби на соседните земји во духот на добрососедските односи, на кои се разговараше за продлабочување на воспоставената взаемна соработка како и за други теми од заеднички интерес.
Светската царинска организација традиционално, преку своите членки, меѓу кои е и Царинската управа на Република Македонија доделува благодарници на лица и организации кои придонеле за подобрување на координираното гранично работење.
По тој повод, денес 26.01.2015 година, за досегашната одлична соработка помеѓу царинските служби со Србија и Косово, поточно со соседните царински испостави на овие две земји како и со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Царинската управа додели 6 благодарници.
За извонредна оперативна соработка во делот на размена на информации од взаемен интерес, со што се постигнуваат подобро таргетирани царински контроли и олеснување на трговијата, благодарници им беа доделени на 3 царински испостави од Царинарница Ниш, Република Србија и тоа: царинска испостава Прешевo, царинска испостава Терминал Прешево и царинска испостава Прохор Пчињски и на две царински испостави од Царинарница Урошевац, Република Косово: Царинската испостава Хани Елезит и Царинската испостава Глобочица. Благодарница му беше доделена и на Регионалниот центар за гранични работи Север при Министерството за внатрешни работи.
Царинска управа интензивно работи на утврдување на можноста за воведување на концептот на заеднички контроли со соседните земји на повеќе гранични премини, со цел да се овозможи единствено застанување и единствена контрола на патниците, стоката и превозните средства од страна на граничните служби на двете соседни земји.
По согледувањето на сите аспекти (инфраструктурни можности, организациска поставеност, можност за дополнителни вложувања и сл.), Царинска управа иницира Владата на Република Македонија на владите на соседните земји да им понуди склучување на меѓународни договори за конкретни гранични премини на кои би се реализирал концептот на заеднички гранични контроли.