Глобалната безбедност е наш императив, а за тоа потребни се едуцирани кадри – обраќање на министерот Јолевски на Колеџот на Јужна Флорида

Безбедноста на секој граѓанин, на секој човек треба да биде наша цел и обврска. Но, за да достигнеме таа цел, потребни ни се кадри кои имаат високо ниво на познавања, исклучителни способности и капацитети, како и висока мотивираност.

Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, во своето обраќање пред студентите, кадетите и водството на Колеџот на Јужна Флорида.

„Регионалната поврзаност, соработката и интероперабилноста се клучни за да можеме да ја развиваме нашата Армија, но и Армиите на земјите во регионот и пошироко. На тој начин тие ќе се носат со предизвиците на новото време, кои се во суштина сосема различни од оние во минатото. Денес заканите не запираат онаму каде што се и границите. Напротив, нивните влијанија и потенцијалните ризици се транснационални и затоа меѓусебното поврзување и колективниот развој се базата за безбедноста на Република Македонија, регионот, Европа, па и светот“.-рече Јолевски.

Во тој контекст, додаде министерот во обраќањето, Македонија сериозно му пристапува на ова прашање и веќе 13 години е дел од меѓународните мировни мисии, меѓу кои и во Авганистан, првично во мисијата ИСАФ, и денес во мисијата „Одлучна поддршка“.

„Пример за посветеноста на Македонија кон мирот и безбедноста е и нејзината стратегиска цел – членството во НАТО-Алијансата и во Европската Унија. Македонија и Армијата на Република Македонија се подготвени да го заземат заслуженото место како полноправен член на северноатлантската алијанса“, рече министерот Јолевски.

Во обраќањето, кое е дел од посетата на САД, министерот Јолевски се осврна и на реформските зафати и развојот на Воената академија во Република Македонија, која е една од најпрестижните институции, на која освен кадети за потребите на Армијата Република Македонија, се школуваат и кадети за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Во однос на академијата, министерот додаде дека со најновите промени, дел од курсевите во трета и четврта година ќе се реализираат на англиски јазик, со што ќе се отвори и можноста за размена на студенти и кадети со другите странски високообразовни институции.

Министерот Јолевски по предавањето учествуваше и на сесија за прашања и одговори со студентите на еден од најпрестижните колеџи во САД. Инаку, Колеџот на Јужна Флорида е приватна образовна установа основана во 1883 година. Колеџот е рангиран на високото 5. Место на ранг-листата за Најдобри регионални колеџи за 2015 година.