Прием на седум нови субјекти во групата на големи даночни обврзници

Од 01.01.2015 година во надлежност на Дирекцијата за големи даночни обврзници преминаа следните правни лица: Супертред ДОО Скопје, Ген-И продажба на енергија ДООЕЛ Скопје, Црна Река Петрол ДООЕЛ Кавадарци, Енерџи Диливери Солушнс ДОО Скопје, С-Игор ДООЕЛ Кичево, Продис ДОО Скопје и Друштво за приредување игри на среќа Државна Видеолотарија на Р. Македонија-Касинос Аустриа ДОО Скопје.

Според категоризацијата на даночните обврзници (мали, средни и големи) и според барањата и потребите на бизнисите, работата на дирекциите на УЈП е специјализирана на: пет Регионални дирекции за работа со мали и средни бизниси и една Дирекција за големи даночни обврзници за работа со големите фирми. Исполнувањето на повеќе критериуми, меѓу кои излезен промет, остварен приход, број на вработени и поднесување на даночни пријави се причините седум субјекти кои досега имале даночен третман на средни бизниси, да преминат во Дирекцијата за големи даночни обврзници.

Согласно политиките за ефикасно администрирање на даночните обврзници, УЈП преку Дирекцијата за големи даночни обврзници има воспоставено посебен систем на работа, кој е усогласен со спецификите, но и потребите на големите обврзници за поинаков тип на даночни услуги, кои произлегуваат од нивниот економски потенцијал и учество на пазарот.
По повод приемот на новите даночни обврзници, на 28 јануари 2015 година, Дирекцијата за големи даночни обврзници организираше средба на која беа презентирани предностите и предизвиците на УЈП и големите даночни обврзници, што претставува основен предуслов за успешна соработка.
Со ова проширување на листата, од 1 јануари 2015 година, УЈП администрира вкупно 297 големи даночни обврзници во Македонија.