Светски ден на водните живеалишта – 2 февруари

Светскиот ден на водните живеалишта (мочуришни предели, блата) се прославува на 2.Февруари. Тоа е денот кога на меѓународната конференија во Рамсар во далечната 1971 година мочуришните предели добија значење, важност и утврдена вредност. Оваа 2015 година мотото на овој ден е „Мочуриштата за наша иднина“.

Светот навреме ја увидел и прифатил важноста на овие природни предели затоа што мочуриштата (блатата) се места од кои светот се снабдува со чиста вода, дека се филтер и чистач на водите, дека се живеалишта на броен жив свет, дека се природна одбрана од непогоди и поплави и дека се заштита на крајбрежието на водените басени. Денес се тие и туристичко важни дестинации.

„Ние околу Охридското Езеро немаме уште многу од овие важни природни филтри. Напротив со години сме ги уништувале и демолирале предводени од деструктивни елементи. Но, имаме еден значаен остаток од Студенчишко Блато кое сеуште ги има сите погоре набројани елементи во важноста на еден ваков природен феномен. И без двоумење би требало тој остаток да го ревитализираме, да го оживееме и ставиме во функција. Лично преку мојата работа во Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридско Езеро направивме се што е во наша моќ да покренеме кампања, да направиме еден показен проект, да обезбедиме и меѓународни средства за конкретна реставрација на остатокот на Блатото. Деструктивните елементи не не разбраа. Во контекст на сето она што се случува околу нашето Блато ќе ја цитирам изјавата на генералниот секретар на Рамсарската конвенција Кристофер Бригс кој по повод денот на мочуриштата вели: „Блатата се исто така и дел од нашата емоционална историја. Сме ја минале младоста низ блатата фаќајќи риби и забавувајќи се, враќајќи се притоа дома секој ден со изводенети алишта и обувки полни со вода. Оттогаш јас сум со мочуриштата, низ цел живот уживајќи во нив“.

Се сеќаваме ли на ваквите моменти кај нас? И треба ли некој да ни каже сега дека не постои Студенчишко блато? Деграгидарани се доста делови, но тоа во голем дел сеуште постои и тој останат дел мора да се сочува и реставрира. Тоа и македонската науката го побарала преку Студија за ревитализација на Студенчишкото блато. Но, додека во она што треба да биде најеколошки Град имаме кампања против екологијата и екологистите и на оваа тема, светот има кампања „Мочуриштата за наша иднина“.

А ние сме си горди и горделиви што го имаме Езерото пред очите на другите. Имаме Езеро кое сакаме да го сочуваме, имаме Град кој сакаме да напредува, имаме вредности кои сакаме да ги покажуваме. А убедливо над сето тоа покажуваме неверојатна деструктивност во нас, кон себеси, кон своето. Онака, без емоционална историја во себе и без логичка иднина пред себе.“ – вели Дејан Пановски, Билатерален Секретаријат за сливот на Охридско Езеро.