Во рамките на посетата на Соединетите Држави, вчера министерот за одбрана Зоран Јолевски оствари средба со сенаторот Кристофер Марфи на која посочи дека Република Македонија останува посветена на интеграцијата во евроатлантските структури, што е приоритет на Владата на Република Македонија. Глобалниот мир и безбедност, рече министерот на средбата, се цел и на Република Македонија, што е факт кој се гледа преку нашето учество во неодамна завршената мисија ИСАФ, како и придонесот во новата мисија во Авганистан, Одлучна поддршка. “Сите досегашни ротации во мировните мисии во кои учествуваме имале поддршка од Собранието, но и што е уште поважно, од граѓаните на Република Македонија”, истакна министерот Јолевски.
Интензивно работиме, додаде министерот, на сите полиња, а особено на полето на образованието. “Во министерството за одбрана еден од приоритетите е и Воената академија која ги продуцира идните лидери во Армијата на Република Македонија”.
Сенаторот Марфи посочи дека Соединетите Држави имаат високо мислење за способностите на припадниците на Армијата на Република Македонија, имајќи го предвид сето она што тие го покажале и го покажуваат во рамките на меѓународните мировни мисии. Министерот Јолевси побара поддршка од сенаторот за интеграцијата на Република Македонија во НАТО, бидејќи тоа поволно ќе влијае врз стабилноста на целиот регион на Југоисточна Европа. Македонија заслужува да биде дел од НАТО алијансата, беше заклучено на состанокот.
Воедно, министерот Јолевски го запозна сенаторот Марфи со реформите на Владата во областа на економијата, образованието, здравството и борбата против корупцијата.
Во текот на вчерашниот ден министерот Јолевски во Пентагон оствари средба и со Евелин Фаркаш, заменик помошник на секретарот за одбрана за Украина, Русија и Евроазија. “Реформските процеси во Армијата на Република Македонија, унапредувањето на стандардот на припадниците на АРМ преку проекти како АРМ- мој вистински дом, јакнењето на квалитетот на образованието на питомците, и натамошната обука на припадниците на АРМ се наши приоритети”, рече министерот Јолевски, на средбата.
Воедно, министерот Јолевски посочи дека учеството на Македонија во меѓународните мировни мисии продолжува и во иднина. Во моментов припадниците на Армијата се дел од мисијата Одлучна поддршка во Авганистан, во Алтеа во Босна и Херцеговина како и во УНИФИЛ-Либан. Заедничката обука на припадниците на единиците за специјални операции е високо на агендата за соработка на АРМ со воените сили на САД, истакна министерот Јолевски. Посветени сме на глобалниот мир и затоа ги разгледуваме можностите како да дадеме заеднички придонес со националната гарда на Вермонт во мировните операции предводени од Обединетите Нации, додаде министерот.
Заменик помошникот секретар за одбрана Фаркаш се заблагодари за учеството на Македонија во мисиите и посочи дека Соединетите Држави продолжуваат со поддршката за Република Македонија во напорите за достигнување на стратегиските цели- членство во НАТО и во Европската Унија.
Во текот на денешниот ден во Њујорк, министерот Јолевски ќе оствари средби со помошникот на Генералниот секретар на Обединетите Нации за мировни операции, Харве Ладсу, како и со генералот Дејвид Петреус, поранешен Командант на мисијата ИСАФ во Авганистан.