Полетилиште за параглајдери во Галичица

Планината Галичица, која е една од најатрактивните локации за летање со параглајдер во Македонија, во текот на оваа година ќе добие уредено полетилиште и слетилиште за параглајдери. Ова е предвидено во рамки на проектот „Параглајдинг туризам“ кој Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го реализира во соработка со УСАИД.

„Ќе се пристапи кон уредување на полетилиштето со поставување на информативни табли и патокази, како и поставување на ветроказни и метеролошки станици како дел од завршувањето на првата фаза“, пишува во Програмата на АППТ предвидена за 2015 година.

Освен полетилиштето на Галичица, во рамки на овој проект ќе се уреди и полетиште на Попова Шапка.

Главната цел на овој проект е популаризација на параглајдеризмот, привлекување на туристи, зголемување на безбедноста и подобрување на техничките услови за летање со параглајдери во Република Македонија.

Македонија со својата умерена клима, високите планини, и езерата и многуте сончеви денови, овозможува голем број на летачки денови и со тоа е еден од најатрактивните терени за летање со параглајдери во регионот но и пошироко. Со реализација на овој проект ќе се збогатат спортско-рекреативните содржини и ќе се поттикне развојот на туризмот.

Параглајдерството е авантуристички, рекреативен и натпреварувачки спорт кој му овозможува на човекот преку техниката на слободно летање, движењето на ветерот и топлиот воздух да доживее авантура, да види извонредни глетки и се врати задоволен со извонредни доживувања.