Министерството за внатрешни работи изминативе денови реализираше девет случаи на криумчарење мигранти во кои до надлежното ОЈО се поднесени кривични пријави против 11 лица од кои двајца државјани на Р.Грција, еден српски и еден бугарски државјанин, а за сторено кривично дело “криумчарење мигранти“ по член 418 од КЗ на РМ. Притоа, откриени се и 88 странски државјани, од кои 50 се сириски државјани, 23 лица се од Авганистан, 13 од Сомалија и двајца од Гана. Од страна на Судија на претходна постапка за осум од пријавените им се одредени мерки притвор, за тројца во траење од по осум дена, а за другите петорица во траење од по 30 дена.
Во првиот случај кривично пријавени се П.П.(43) од Гевгелија и И.С.(34) од Скопје поради тоа што во организација на засега непознато лице од Скопје, прифатиле и се обиделе да извршат превоз на 22 илегални мигранти (20 сириски државјани и двајца мигранти од Гана), од Гевгелија до Куманово. Имено, по претходен договор со непознатото лице од Скопје, И.С. со ТМВ влекач марка “Ивеко“ со приколка, кое го обезбедило од истиот, се упатил кон Гевгелија, каде го оставил камионот и се вратил со друго возило кон Скопје. После неколку дена И.С. телефонски бил повикан од непознатото лице дека камионот е натоварен и да оди до Гевгелија, да го земе и да го пренесе товарот до одреденото место на подрачје на Куманово. И.С. се упатил кон Гевгелија, а откако го земал камионот, стапил во контакт со П.П. од Гевгелија, кој со своето возило се движел како чистач на одредено растојание пред камионот и го информирал навремено за полициски патроли на патот. Во близина на с.Мрзенци на патот од Гевгелија кон Скопје, од страна на полициска патрола запрено е возилото ТМВ Ивеко, и при контрола се откриени мигрантите.
Во вториот случај кривично е пријавен Д.С.(53) од Скопје возач во скопска такси компанија којшто за сума од 50 евра требало да пренесе тројца илегални мигранти (двајца од Сирија и еден од Авганистан) од Транспортниот центар во Скопје до село Лојане кумановско. Од страна на полициски службеници на БПС- Куманово на локалниот пат Куманово – с.Лојане во близина на железничка пруга кај село Речица било сопрено ПМВ марка “форд фокус“ со скопски регистарски таблички управувано од пријавениот Д.С. во кое биле тројцата илегални мигранти.
Во третиот случај на автопатот Куманово – Табановце кај напуштена бензинска пумпа од страна на УПС од ПС за ГН Сопот бил направен обид за запирање на ПМВ марка „фолксваген голф“ со грчки регистарски таблички управувано од кривичнопријавениот А.Ц.(26) од Солун, Р. Грција во кое се превезувале петмина сириски илегални мигранти. Пријавениот при легитимирањето ги оставил мигрантите, се дал во бегство но набргу во близина на Неготино е фатен и приведен. Според изјавите на илегалните мигранти тие илегално влегле во Р. Македонија во близина на ГП “Богородица“, каде што преку непознато лице договориле превоз до Куманово за сума од 200 евра по човек.
Потоа во четвртиот случај кривично е пријавен Д.Л.(34) од Скопје кој што исто така во близина на село Речица, кумановско, бил запрен од страна на УПС од ПС за ГН Сопот во обид со ПМВ “Форд Транзит“ со скопски регистарски таблички да пренесе петмина сириски државјани до селото Долно Коњаре за сума од 50 евра.
Во петиот случај Б.Ш.(34) од Прешево, Република Србија со ПМВ “фолксваген пасат“ со кумановски регистарски таблички прифатил четворица сириски државјани, но во близина на село Удово возилото со мигрантите е сопрено од страна на полициски слбеници од ПС за БПС Демир Капија. Судија на претходна постапка на Б.Ш. му одреди мерка притвор во траење од осум дена.
Во шестиот случај од страна на УПС од ПС за БПС Демир Капија во близина на Неготино откриени се 22 илегални мигранти од Авганистан, односно членови на четири семејства во кои девет биле деца на старост од една до 15 години, кои што со ПМВ марка “Форд Транзит“ со струмички регистарски таблички управувано од пријавениот Д.А.(30) од Куманово требало да бидат пренесени до границата со Р. Србија. На пријавениот од страна на Судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Во седмиот случај кривично се пријавени К.М. (45) од Гевгелија и А.М.(36) бугарски државјанин за кои Судија од претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена. Имено, од страна наполициски службеници од ПС БПС Демир Капија и ПС ГН Михајлово, во Неготино при контрола и извршениот претрес на ПМВ “Волксваген Голф“ со скопски регистарски таблички управувано од првопријавениот во кое што бил заедно со второпријавениот како сопатник, во предната фиока во возилото е пронајдена бугарска сообраќајна дозвола од TMВ “Фолксваген Транспоретер“. Од направената контрола утврдено е дека со тоа ТМВ управувано од непознато лице и оставено на локалниот пат Демир Капија-Неготино се превезувале 21 лице илегални мигранти од кои осум сириски и 13 сомалиски државјани, со намера да бидат превезени до Србија.
Во осмиот случај од страна на УПС од ПС за ГН Михалјлово на автопатот во правец Неготино-Велес на даден светлосен сигнал за запирање ПМВ – Џип марка Волво со грчки регистарски ознаки управувано од кривично пријавениот грчки државјанин К.Ј.(55). По дадената наредба и знак за запирање ПМВ нагло ја зголемило брзината и продолжило да се движи во правец кон Велес, но по еден километар полициските службеници успеале да го сопрат возилото во кое се наоѓале тројца сириски државјани кои илегално ја минале македонско-грчката граница со намера да стигнат до Р. Србија. Од страна на Судија на претходна постапка на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.
И во последниот деветти случај на автопатот Е-75 Гевгелија – Скопје поточно кај исклучокот за Гевгелија од страна на полициски службеници од ПС за ГП и ГН Богородица, било забележано ПМВ марка „Фолцваген Голф – 4“ со скопски регистарски таблички управувано од пријавениот Р.Б.(28) од село Брест, скопско. При обид да биде сопрен, пријавениот го запрел возилото и се дал во бегство по нивите во правец на река Вардар, скокнал во реката но по кратко време од страна на полициски службеници бил извлечен од реката. Во возилото биле откриени тројца сириски илегални мигранти, а Судија на претходна постапка на пријавениот му одреди мерка притвор во траење од осум дена. Инаку сите откриени мигранти по направените разговори и проверки се префрлени во Прифатниот центар за странци во Скопје.