Министерството за внатрешни работи продолжи со детално расчистување и разоткривање на целата мрежа инволвирана во рамки на Оперативната обработка „Пуч“.
Идентификувани и приведени се уште две лица кои соработувале со веќе пријавените кои се товарат дека со употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање, како и упатување на сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.
Станува збор за две лица од Скопје, едното сеуште е вработено во Министерството за внатрешни работи додека вториот работел во Министерството, но во 2013 година му е раскинат договорот. Инаку и двајцата се вработени во Министерствотово во раните деведесетти години
Според досега документираните сознанија, двајцата биле ангажирани и работеле во корист на странска служба, преземајќи активности и чекори за кои биле богато финански наградени.
Од првично направените проверки, имотот на двајцата е несразмерно зголемен, односно анализите кои досега се направени покажуваат дека станува збор за стотици илјади евра во готовина, но и во акции кои завршиле кај нив.
Имено денеска, до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поднесена е кривична пријава против лицата Ѓ.Л.(1963) од Скопје и З.К.(1966) од Велес за сторени кривични дела „Шпионажа“ од чл.316 ст.4 од КЗ и „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.24 од КЗ на РМ.
Во врска со претходно поднесени кривични пријави против четворицата осомничени, од страна на надлежниот Јавен Обвинител, до МВР беше издадена Наредба за анализа на податоци од прибавени докази во електронска форма. Надлежните организациони единици при МВР, постапија и утврдија дека постојат основи на сомневања за сторени кривични дела „Шпионажа“ од чл.316 ст.4 од КЗ на РМ и „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.24 од КЗ на РМ, извршени од страна и на други лица, при што беше утврден идентитетот на двајцата осомничени, за што веднаш беше известен Јавниот Обвинител и беа превземени дополнителни мерки за претрес на дом и други простории заради обезбедување на материјални докази.
Со Наредби од Судија на претходна постапка, беа извршени претреси на дом и други простории на 5 локации во Скопје. При извршените претреси, беа пронајдени пет лап-топ компјутери, три куќишта од компјутери, еден персонален компјутер, 18 мобилни телефони (шест од истите се со СИМ картички), околу 1000 CD и DVD, 110 видео и аудио касети, 30 мини VHS касети, 19 негативи од филмски ленти, 18 филмови за фотоапарат, 14 флопи дискови, 17 хард дискови, 19 usb, електронска рамка со USB меморија, еден нотес, исто така одземени се девет штедни книшки од кои четири девизни книшки од Стопанска банка со штеден влог со вредност од околу 13.600 евра и пет од Еуростандард банка, од кои две девизни со штеден влог од 24.658 евра и три денарски книшки со штеден влог од 9.657.491,00 денари, односно во двете банки со вкупен штеден влог од околу 17.000 евра, потоа пронајдена евиденција за околу 600 акции на име на седум правни субјекти сопственост на едно од пријавените лица.
Од страна на надлежните организациони единици во МВР и понатаму се продолжува со активностите по однос на издадените Наредби од страна на надлежниот обвинител со цел анализа на податоците и материјалните докази и превземање на други службени дејствија.