Македонија и Хрватска се две исклучително пријателски земји кои имаат одлична билатерална соработка. Хрватска продолжува со целосната поддршка за членство на Македонија во Алијансата и во Европската Унија. За тоа Македонија е целосно подготвена и ги заврши потребните одбранбени процеси.
Тоа го заклучија министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски и неговиот хрватски колега, Анте Котромановиќ на денешната средба во Министерството, како дел од посетата на делегација од хрватското Министерство за одбрана на Република Македонија.
Министерот Јолевски по средбата на двете делегации истакна дека соработката меѓу двете земји во областа на одбраната е одлична и дека е пример за нивото на билатерална и регионална соработка. Доказ за ова се потпишаните два документи: Меморандум за разбирање меѓу Министерствата за одбрана на Република Македонија и Република Хрватска за размена на експерти, и Техничкиот аранжман меѓу министерствата за одбрана на Македонија и Хрватска во областа на воено-техничката соработка.
Со Договорот за воено-техничка соработка се овозможи експерти вооружените сили на Хрватска да извршат баждарење на мерните инструменти на хеликоптерите на АРМ и технички преглед, а хрватските пилоти одредено време да можат да ги користат симулаторите во Центарот за обука на пилоти во Македонија. Со овој договор, техничкото одржување, кое чини околу 40.000 евра е платено со користењето на симулаторите во Центарот.
Министерот Котромановиќ уште еднаш ја потврди поддршката за членство на Македонија во НАТО и додаде дека билатералните односи се особено развиени. „Тука сум за да посочам две работи – нашите билатерални односи се одлични и затоа сме подготвени за уште поголем развој на воено-техничката соработка. Воедно сакам да ја потврдам дека Хрватска е голем поддржувач за членство на Македонија во НАТО, нешто што требаше да се случи пред повеќе години“, рече министерот Котромановиќ.