Груевски – Гојковиќ: Проширување на соработката на сите нивоа

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес оствари средба со претседателот на Собранието на Република Србија, Маја Гојковиќ.

На средбата позитивно беа оценети односите помеѓу двете држави, кои се карактеризираат со соработка во повеќе сфери, а кои се поткрепени и со континуираниот дијалог и средби на највисоко ниво. Соговорниците ја изразија својата подготвеност за проширување на соработката на сите нивоа кои се од заеднички интерес со што ќе се придонесе за дополнително унапредување на односите.

Беше истакнато дека двете држави се фокусирани на реализација на реформската агенда во функција на унапредување на можностите за развој на секоја општествена сфера и за достигнување на стандардите за европската интеграција, процес кој ќе е и од пошироко значење за напредокот на целиот регион, во економска и во политичка смисла.

Посебен акцент беше ставен на можностите за унапредување на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите и соработката во реализацијата на инфраструктурните проекти.

Двете страни го истакнаа и позитивното искуство од придонесот и вклученоста на малцинствата во општествата на двете земји, македонското малцинство во Србија, и српското во Македонија, што претставува дополнителен фактор за соработка меѓу двете држави.

Соговорниците разговараа и за можностите за остварување соработка во областа на земјоделството и туризмот.