Во текот на 7-мата недела од 2015 година (од 09.02 – 15.02.2015 година), во Република Македонија се пријавени 2.059 новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што претставува зголемување на бројот на регистрирани случаи во однос на минатата недела за 24,6%.
Во споредба со бројот на заболени во 7-мата недела од минатата сезона, оваа година се бележи намалување за 48,2%, а намалување постои и во однос на просечниот број на заболени за истата недела во изминатиот 10-годишен период, изнесува 19,2% (види Графикон 1).
Просечен број на случаи на грип на неделно ниво, во периодот 2002/2003-2012/2013, споредено со број на пријавени случаи по недели во сезоната 2013/2014 и 2014/2015
Вкупниот број на заболени од грип од почетокот на сезоната 2014/2015 заклучно со 6-тата недела од 2015 година изнесува 10.545 лица (МБ 510,5/100.000 жители). Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип.
Во споредба со истиот период минатата година, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 29,3%, а во однос на просекот за 10-годишниот период се регистрира намалување за 10,4%.
Заболени лица за целата оваа сезона се пријавени речиси од сите извештајни единици (нема регистрирани заболени само во ПЕ Берово).
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци покажува, дека најголем број на заболени лица на месечно ниво се пријавени во јануари – 4.756 или 45,1% од вкупниот број на регистрирани случаи (види Графикон 2). За две недели во февруари, регистрирани се 3.711 случаи на грип или 35,2% од вкупниот број.
Најголем број на заболени од сезонски грип во текот на оваа сезона се пријавени на територијата на ЦЈЗ Тетово – 1.805 (17,1%). Поголем број на заболени се регистрирани и на териториите на ЦЈЗ Скопје (1.747), ЦЈЗ Куманово (1.498) и ЦЈЗ Прилеп (785).
Највисок морбидитет (МБ 2.480,5/100.000) е регистриран во ПЕ Дебар, а висок морбидитет се регистрира и во ПЕ Кратово, ПЕ Свети Николе и ПЕ Крушево.
Во однос на возрасните групи, во сезоната 2014/2015 најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (6.783; 63,3%) , а најголем морбидитет е регистриран кај најмладите – децата до 4-годишна возраст (прикажано во Табела 1).
Возрасна група 0-4 години 5-14 години 15-64 години 65+ години
Број на заболени 980 1.932 6.783 850
Мб/100.000 842,4 831,7 464,0 332,8
Процент 9,3% 18,3% 63,3% 8,1%
Бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во републиката продолжува да расте и ваквиот тренд на пораст на активноста на вирусот на грип, со осцилации на интензитетот на пораст, се очекува да продолжи и во наредните недели.
Во 7-мата недела од 2015 година, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнаа 8 нови материјали за тестирање на грип, од кои 6 се тестирани како позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца (2 инфлуенца А; и 4 инфлуенца Б).
Од почетокот на сезоната 2014/2015, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ анализирани се вкупно 98 хумани материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти, добиени од здравствените установи низ републиката, од кои 31 или 31,6% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 12 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (38,7%), а кај 19 е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (61,3%). Од инфлуенца А позитивните, два материјали се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1, 6 се конфирмирани како инфлуенца А/H3N2, а 4 се нетипизирани инфлуенца А вируси.
Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани со вакцина против сезонски грип се вкупно 26.374 лица и потрошени се 99% од вкупно набавените 26.649 вакцини.
Најголем број лица се вакцинирани на почетокот на сезоната (до 47 недела вкупно се вакцинирани 25.880 лица или 98,4% и) додека во следните недели бројот на вакцинирани лица на неделно ниво се намалува континуирано, така што во 7-мата недела од 2015 година, вакцинирани се само 11 лица.
Најголем број – 20.419 или 77,5% од вакцинираните лица се припадници на ризичните групи (на возраст над 65 години и на возраст до 64 со историја на некое хронично заболување). Нема вакцинирани бремени жени и деца од 6-23 месеци старост.
Вакцинацијата против сезонски грип е завршена во 27 извештајни единици, со мали количини преостаната вакцина (вкупно 275 дози) располагаат: ЦЈЗ Битола, ПЕ Кичево, ПЕ Гевгелија и ЦЈЗ Скопје.
Во извештајот на Flu News Europe (за 6 недела/2015), за состојбата со грип во сезоната 2014/2015 во Европа е наведено дека сезоната на грип е во тек, и особено е изразена во западните и централните Европски земји.
Оваа недела, 20 земји објавиле зголемена активност на вирусот на грип, а сeвкупниот процент на инфлуенца позитивни сентинел примероци достигна до 51%. Од позитивните сентинел примероци, 80% се Influenza A (81% од нив се A/H3N2) и 20% се Influenza B. Покрај во сентинел примероците, предоминацијата на инфлуенца А (посебно на A/H3N2) се забележува и кај рутинските материјали, каде 32% од тестираните примероци биле позитивни за присуство на вирусот на грип.
Од почетокот на сезоната, 29% од тестираните сентинел примероци се позитивни на вирусот на грип, 83% се Influenza A (од нив 80% се A/H3N2), а 17% се Influenza B. Од примероците земени при рутинскиот надзор, 14% од тестираните примероци се позитивни на вирусот на грип, 83% се Influenza A (од нив 83% се A/H3N2), а 17% се Influenza B.
Во текот на последните неколку недели забележано е зголемување на морталитетот кај постарите лица (65+) кој е значително поголем во однос на претходните четири години, заедно со зголемена активност на вирусот на грип и циркулација предоминантно на инфлуенца А(H3N2) во Белгија, Швајцарија, Португалија, Велика Британија (Англија, Шкотска и Велс), Шпанија и Франција.
Околу три четвртини од А(H3N2) досега карактеризираните вируси покажуваат антигенски разлики од вирусот вклучен во вакцината против сезонски грип за северната хемисфера за сезоната 2014-2015. Може да се очекува намалување на ефикасноста на А(H3N2) компонента на вакцината кое може да придонесе за зголемена смртност кај постарите луѓе во европските земји. Сепак, се очекува вакцината да обезбеди вкрстена заштита против А(H3N2) вирусот што може да ја намали веројатноста за појава на сериозни компликации, хоспитализација или смрт. A(H1N1) pdm09 и Б компонентите на вакцината се ефективни.