Женскиот центар „ Бисера“, синоќа одржа пригодна свеченост по повод одбележувањето на 20 годишнината од основањето на оваа невладина организација. На свеченоста присуствуваше и претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска.
„Кога ќе се спомене женското движење во Охрид, првата асоцијација е Женскиот центар „ Бисера“ . Верувајте дека тоа е голем комплимент за Вашата работа и секојдневната борба за еманципација на жената во нашето општетство. Вака здружени, врз темелите на поранешните организации на жените, од генерација во генерација, ги пренесувате искуствата и градите нови и применливи практики за родова еднаквост и почит кон жената.Според нашата традиција жената била и ќе биде столб на семејството, а како во многу развиени земји треба да биде и еден од најцврстите столбови на државата“– рече во поздравното обраќање Гордана Коњаноска.
Претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска додаде дека „низ бројните активности покажувате дека за тоа сте подготвени, бидејќи наоѓате време да се грижите за работата и семејството, но и да се ангажирате во Женскиот центар „Бисера“ . Вие постојано реализирате хуманитарни акции и им помагате на ранливите категории граѓани, гласно барате поголема застапеност на жената во раководните структури и политиката, но паралелно креирате разни форми на дружења , кои без разлика на годините, Ве обединуваат и Ве прават посилни“.
Женскиот центар „ Бисера“ по повод јубилејот издаде монографија во која се поместени дел од позначајните активности во нивното делување.Претседателката на здружението Нада Мартиноска рече дека е горда што во текот на изминатите години успеале да го издигнат здружението на ова ниво кое што е денес.
„Ова е момент кога сите ние се навраќаме назад и гледаме што сме направиле. Кога ќе ги видиме почетоците, бевме едно ново здружение на жени со еден ентузијазам и желба нешто да направиме за нашиот град и секако за подобрување на статусот на жените, тоа беше целта на формирањето. Ние со нашата упорност и со нашето работење докажавме дека можеме да одиме напред и докажавме дека она штое е корисно и за жената и за граѓаните на Охрид“- вели Мартиноска.
На свеченоста беше потенцирано дека Женскиот центар „ Бисера“ во изминатиов 20 годишен период се реализирани многу активности за политичко јакнење на жените кои имаа за цел да им помогнат на припадничките на понежниот и едукација на младите генерации.