Денес беше одбележан Светскиот Ден на Извидниците или во светот познат како Ден на Скаутското Движење.
Во далечната 1907 година во Лондон од печат излезе книгата „Извидништво за момчиња“ од британскиот генерал Роберт Баден Пауел во која што тој го сумирал своето долгогодишно искуство околу престојот и животот во природата. Ги опишал неопходните вештини и знаења и секако неминовното тимско работење кое е предуслов за било каков успех и до ден денес. Годината на нејзиното објавување генерално се смета за почеток на извидничкото движење во светот, а неговиот роденден 22 Февруари е поврзан со датумот за одбележувањето како Ден на извидништвото.
Од тогаш па наваму таа книга е четврт најпродаван наслов на сите времиња.
Денес во светот активно работат повеќе од 36 милиони извидници-волонтери во 161 организација-држава придонесувајќи за развојот на младите во општеството и создавање на подобар свет и единство помеѓу луѓето.
Во нашата татковина пак, ова движење се јавува во 1921 година со формирање на групи во поголемите градови, а од 1997 година Сојузот на Извидници на Македонија е и официјална членка на Светската организација на извидничкото движење.
Нашиот град и оваа година претставуван од Извидничкиот одред ПИОНЕР од Охрид активно ја одбележа со низа активности редоследно од минатиот 22-ри февруари до денес.
„Имено во текот на 2014 година нашите извидници успешно го реализираа проектот „Среќни Птици“, во кој што изработија и поставија 50 куќички за птици во блиската околина и НП Галичица.
-Активно зедоа учество во веќе традиционалната акција ден на дрвото во која засадија нови стебла во атарот на месноста Мауцкер.
-Во проектот за промоција на извидничкото движење ги посетија скоро сите основни општински училишта, како во Охрид, така и во Општина Дебарца, каде преку соработка со директорите и раководствата на училиштата пред присутните ученици презентираа свои активности поврзани со животот во природа.
-На Државниот натпревар во ориентација го освоија бронзениот медал и третото место во Република Македонија.
-Беа домаќини на четиридневната младинска акција „Камп на забавата“ на која присуствуваа 130 извидници и младинци од целата наша Татковина кои несебично низ игра и натпреварување ги зајакнуваа меѓусебните врски разменувајќи искуства.
-Учествуваа во повеќедневната екскурзија со извидниците од Франција, на кои им ги презентираа убавините на нашиот крај.
-Беа вклучени во одбележувањето и на општинските значајни историски датуми, како при одбележувањето на денот на ослободувањето на Охрид „7-ми Ноември“, така и во прославата по повод Патронот на градот „Св.Климент“. – вели Зоран Костоски, старешина на ИО.Пионер.
По повод денешниот извиднички празник неодамна беше организирана и локална хуманитарна акција на која што извидниците собраа доброволен прилог од прехрамбени артикли, храна и хигиенски средства, наменет за загрозените во неодамнешните поплави во РМ и во соработка со Општинскиот Црвен Крст истиот беше испратен до крајните дестинации онаму каде што е најпотребен.
„Денес пак, свечено беа примени уште девет нови членови, кои што после подготвителниот период, со давањето на свечениот извиднички завет, активно се вклучија во извидничкото семејство придонесувајќи со тоа за збогатување на својот личен развој учејќи од постарите и поискусните, за во иднина своите знаења да им ги пренесат на помладите генерации.“– додава Костоски.