Со шубертовите сонати Леонскаја ја воодушеви публиката во Света Софија

Во црквата Света Софија завчера публиката во акустичниот простор уживаше во прекрасните Шубертови сонати во изведба на пијанистката Елизавета Леонскаја од Русија.

 Вчерашниот концерт на пијанистката Елизавета Леонскаја длабоко се врежа во мене. Избраната програма, последните три Шубертови сонати и начинот на кој Леонскаја пристапи кон изведбата ме направи да се почувствувам понизна кон големината на овој композитор. Шуберт е така комплексен и сложен во своите музички ставови, а сепак толку детинесто искрен. Изведбата на Леонскаја го заживеа Шуберт во сите негови нијанси, како што еден мој колега се изјасни после концертот, “вечерва Шуберт свиреше самиот тука во Св. Софија”. Навистина беше така. Леонскаја умееше да ја следи својата музичка идеја во секој отсвирен тон, со исклучителна внимателност и посветеност, но на моменти и по малку бескомпромисна музичка дрскост, која ја покани публиката да го запознае Шуберт до дното на неговата композиторска искреност. Особено во последната соната, Д. 960, Леонскаја речиси астрално се вознесе во сржта на музичката материја. Навистина докажа, како што и самата се искажува, дека таа е присутна на сцената не заради сопствениот пијанизам, туку само и единствено во служба на музиката.” Ова се впечатоците на пијанистката Јана Павловска по концертот,,Шубертова вечер,,  на нејзината колешка, руската пијанистка Елизавета Леонскаја во црквата Света Софија.

Елизавета Леонскаја, која со децении се вбројува меѓу најистакнатите пијанисти на денешницата, по маестралниот концерт и бисот рече дека е воодушевена од топлата и внимателна публика.

„Многу сум благодарна што ми се укажа можност да дојдам во прекрасниот Охрид и да настапувам во црквата Св. Софија, оваа стара и преубава црква која е одлично место за концертирање, со акустика за која секој уметник копнее. Воодушевена сум и од топлата и внимателна публика. Ова за мене е незаборавно искуство и би сакала повторно да се вратам и уште еднаш да бидам дел од овој фестивал од светски ранг“, рече Леонскаја.