Како индивидуалец, како лојален граганин на Р.Македонија, како Охриѓанец, како Египќанец од Р.Македонија, како интелектуалец, активист за човекови слободи и права, но пред се и над се, како човечко битие, кој се вложил себеси, својата младост и знаење, притоа ризикувајки се она што значи слобода на духот и битисувањето имам морална обврска да потенцирам што е она што значи вистина за Египќаните, а притоа истата да е аргументирана, како одраз на една објективна стварност. Денес, слободно можеме да констатираме дека Египќаните се најдискримираниот, најмаргинализираниот, најобесправениот етникум, генерално, во Република Македонија. Денес, ве охрабрувам, слободно да проверите дали барем еден деклариран Египќанец, е вработен согласно содржината и духот на Охридскиот рамковен Договор. Едноставно, виза ви неоспорниот факт, дека имаме над 40 високообразовани кадри, кои дипломирале на државните Универзитети во Република Македонија, не се најде разбирање и простор за да му се посвети основно внимание на ова лојална етничка заедница во Република Македонија.
Слободно може да се констатира дека за нас, Охридскиот рамковен Договор во реалноста не функционира, за жал. Денес, мојот народ е позициониран како етникум на кого „за жал“ се секаваат само за време на избори, кога врз оние вредни граѓани, како наследна особина работници, им се врши невиден притисок, еден таков психолошки притисок, кој просто е неиздржлив, под секое ниво, и кое го руши и она мало достоинство што го држи во „живот“ секое човечко битие. Особено, горенаведеното се случуваше во времето, пред стапување на функцијата Градоначалник, на др Никола Бакрачески, на кого Египќаните во Охрид, со голема доверба, топлина и пријателски пристап, му ја доверија довербата, придружувани, токму од овој портал, кој иако важеше за портал, што штотуку запливал во новинарските води, храбро, без страв и одлучно, одлучија да не пратат. Навистина, му благодариме, од длабочината на нашето патриотско срце, му благодариме искрените и доблесни Египќани. Во таа, насока, дозволете ми, да истакнам, дека post festum се охрабрија и некои „улични порталчиња“ да глумат „квазиголеми портали“ со тоа што ќе објават само она што службено го објавува Одделот за односи со јавност, при Општина Охрид. Жално, тажно, бедно… Се прашувам, немаат ли малку креативност, малку критична мисла да ги придвижат процесите, немаат ли малку „сенс“ да направат нешто лично, автентично и корисно или одат на линија на помал отпор и по цели денови, да прават „седенка“ во Локалната Самоуправа и да чекаат на готови вести.
Др. Никола Бакрачески, како Градоначалник, успеа да се промовира како добар менаџер во рамките на одржување во живот, на инаку ужасно тешките за одржување хетерогени општества,како што всушност е и Охридското но и Македонското општество, вложувајки го неговиот неприкосновен авторитет икредибилитет,што ја отстранува секој сомнеж за една убедлива победа, усвоена со фрапантни 20.004 и победа во првиот круг. Токму, тој моментум не му дава за право на некој/ја денес, да ја зема таа „слобода“ да го злоупотребат презимето Бакрачески, што во краен случај само е очаен обид да се реализира одредена индивидуал материјалистичка желба, без притоа да ја сврти главата назад, и да види дека „не му е се така чисто“..
Како што секогаш се наближуваат избори, без разлика дали тие биле Локални, Парламентарни или Претседателски толку поголем е интензитетот на притисок врз мојот народ. Дојдовме до тоа дереџе, да се плашиме да се поздравуваме со пријателите, да не можеме да седниме во исти чајџилници, кафичи, затоа што не знаеме како ќе помине утре на работа и слично. Многу бедно, мизерно, долно, подолу од ова, мислам дека нема. Секако, нека не бидат „лажни оптимисти“ сите оние кои мислат дека ке поминат несанкционирани и од бога, но и од самиот народ, од самите Египкани. Исто така, се лажат сите оние кои мислат дека Египќаните седат со скрстени раце. Ќе ги искористиме сите правни механизми, а се со цел да ги заштитиме Египќаните од едни вакви нечовечки постапувања. Приморани сме да поднесеме соодветни кривични пријави, секаде онаму каде имаме правен основ за тоа, информирани се, а и дополнително ќе бидат информирани, сите релевантни фактори во државата како и претставниците на меѓународната заедница, кои будно ја следат состојбата со почитување на основните човекови права и слободи, содржани во Универзалната декларација за малцинските права како и почитување на Женевската конвенција, бидејќи Македонија е потписник на истата и има облигација да ги почитува одредбите содржани во истата.
Македонија, ја гледам како една независна, самостојна и мултиетничка, мултиконфесионална и демократски ориентирана држава. Уште, од почетокот на нејзиното осамостојување, Египќаните демонстрирале и демонстрираат крајна лојалност и конструктивност, а тоа се двата круцијални елементи, кои ни даваат за право да бараме соодветна интеграција во институциите на системот.
Дискурсот на прашања, кои се од „внатреенички конфликтен и несинхронизиран карактер“ е само признавање на вина на актерите кои не успеале да ги усогласат ставовите на етникумот во целина, но кога се работи за стратешките национални интереси на колективитетот, тука немало никакво разидување.
Токму затоа, Јавно им испраќам порака на сите дека е минато времето кога се играше на таа лицемерна и дволична карта. Ние научивме, дека со дволичност, со неискреност, со наведната глава, не се постигнуваат легитимните цели. И токму затоа се прашувам – зошто кога нешто сакаш да кажеш во една „демократска“ држава, без влакно на јазикот, отворено, без маска, таквиот обид се оценува како непримерен, несериозен, деструктивен, а ако сакаш да бидеш „кетман“, тогаш те третираат обратно од горенаведеното. Очигледно имаме испревртен систем на вредности, кој се надевам оваа влада ќе го исправи, во интерес на Демократијата и нејзините придобивки како и во интерес на државата, бидејки, ние Египќаните резервна татковина немаме, Македонија ни е се што имаме.
Со почит, Демир Далип
Овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.