Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и Генералниот секретар на Црвен Крст на Република Македонија, Саит Саити информираа за состојбите во поплавените подрачја во Република Македонија.
На 260 домаќинства погодени од поплавите во повеќе општини во Македонија од денеска ќе почне да им се исплаќаат средства за санирање на штетите.
Семејствата ќе добијат помош во износ од 14 до 110 илјади денари во зависност штетите. Потребните средства во висина од над 10 милиони денари се дел од собраните средства во рамки на хуманитарната акција. Вкупно со донациите на трите телефонски броеви и на солидарната сметка на Црвениот крст се собрани 12 милиони и 889 илјади денари.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната прес-конференција појасни дека претставници на центрите за социјална работа, на Црвениот крст на Република Македонија и од загрозените општини направиле попис на она што било уништено во домаќинствата и што не може да се користи.
„Направени беа записниции, по што се направи детална проценка која покажа дека за санирање на овиештети се потребни над 10 милиони денари кои семејствата треба да ги добијат до наредната недела“, рече Спасов.
Информира дека во Битола има 58 семејства кои претрпеле штети, во Новаци 3, во Могила 33, во Кичево 69 семејства, во Струмица 19, во Босилово 10, во Неготино 10, во Прилеп 13, во Кривогаштани 7, во Ресен 11, во Штип 4 во Демир Хисар 7, во Кавадарци 4, во Гостивар 4, во Чешиново Облешево 4 и во Пехчево 4 семејства. Спасов појасни дека надоместокот на средства што можат да го добиваат семејствата е поделен во десет групи, во зависност од претрпените штети. Најниската сума на средства е од 14 илјади, а највисоката до 110 илјади денари.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески информираше дека со координирана акција се презеале мерки за подготвено да се дочека невремето и зголемениот водостој на водите, со цел, како што рече, да се намалат можните штети. Потоа, рече Јанакиески, се преземени и конкретни мерки за санација на инфраструктурата која била уништена, како патишта, мостови и делови од железницата. Во континуитет, рече, се санираат и сите локални патни правци неоходни за да се овозможи на граѓаните од тие региони безбедно да се вратат во домовите.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија Саит Саити информираше дека до голем број погодени семејства во државата биле дистрибуирани 1.026 пакети со прехранбени артикли, 1.047 пакети со редства за хигиена, 2.582 ќебиња, 382 тони вода за пиење, 425 пара гумени чизми, 100 душеци и 780 литри средство за дезинфекција.
Појасни дека во донаторската акција биле собрани вкупно 12.889.237 денари. Од нив 9.219.860 денари на трите донаторски телефони, а останатите 3.669.377 на Сметката на Фондот за солидарност.
Саити исто така рече дека иако акцијата за донации преку телефонските броеви е веќе завршена, останува отворена сметката на Фондот за солидарност за сите заинтересирани кои сакаат да донираат. Додаде дека средствата кои ќе останат по првичната дистрибуција до 260-те семејства, ќе се доделуваат откако ќе се направат дополнителни проценки за нивните потреби.