Единица со исклучителен капацитет, мотивираност и посветеност – свечено одбележан денот на Полкот за специјални операции

„Вие заедно со сите припадници на Армијата на Република Македонија сте темелот на сувереноста и територијалниот интегритет на Република Македонија. Тоа е голема обврска и патриотска должност која граѓаните на Република Македонија неизмерно ја ценат. Вие сте подготвени да извршувате најсложени задачи демонстрирајќи највисоки капацитети и затоа ве охрабрувам да останете подготвени и мотивирани како и досега,“ им порача министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на припадниците на Полкот за специјални операции на свеченоста по повод Денот на Полкот во касарната „Илинден“.

Министерот Јолевски пред припадниците на Баталјонот за специјални намени и Ренџерскиот баталјон укажа на тоа дека со формирање на Полкот се означи и почетокот на професионализацијата, што се покажа за особено успешен процес, препознаен и од граѓаните, но и од НАТО-алијансата. Во тој контекст, министерот додаде дека преку учеството на припадниците на Полкот во мисиите „Слобода за Ирак“ и како дел од наменските сили „Феникс“ во ИСАФ, целата меѓународна заедница имаше прилика да се запознае со високите способности и капацитети на специјалните сили во Армијата на Република Македонија.

Воедно, министерот пред високите претставници на Армијата меѓу кои и заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини и бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски, Командант на Полкот, посочи дека процесот на реформи, и реализацијата на проектите чија основна цел е унапредувањето на стандардот на сите припадници на Армијата, вклучувајќи ги и специјалните сили, продолжуваат со забрзано темпо.

„Свесни за предизвиците од сегашноста, заедно, напорно, храбро и доследно ќе работиме да ја оправдаме високата доверба од граѓаните на Македонија. Ќе продолжиме да бидеме извозници на мирот во меѓународни рамки, да ги следиме стандардите на НАТО и да ја достигнеме нашата стратегиска цел – членство во НАТО“, рече министерот Јолевски во обраќањето.

Баталјонот за специјални намени, формиран во 1994 годна, беше јадрото за формирање на Одредот за специјални намени, подоцна трансформиран во Полк за специјални операции. Кандидатите за прием во Полкот подлегнуваат на особено строги критериуми на селекција, меѓу кои и високиот степен на психофизичка подготвеност. Основна мисија на Полкот е изведување на специјални операции во мирновремени и во услови на конфликт, борба против тероризмот и други активности. Покрај тоа една од задачите, како дел од декларираните единици на АРМ, е и учество во меѓународни операции за поддршка на мирот, превенција и справување со регионални конфликти и кризи во операции предводени од НАТО, Обединетите Нации и Европската Унија.

Министерот Јолевски и останатите претставници на Армијата на Република Македонија по свеченоста, остварија посета на припадниците на Полкот за специјални операции кои изведуваа обука во зимски услови во реонот на Маврово.