Во тек е санација на мостовите оштетени од поплавите во државата

Во тек е санација на мостовите оштетени од поплавите, моментално се реконструираат шест мостови во државата.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Владо Мисајловски денес направија увид во градежните работи на мостот на реката Пчиња во селото Долно Коњаре.

Јанакиески посочи дека ова е само еден од четири мостови кои интензивно се санираат, а за два моста кои претрпеа поголеми штети од поплавите во тек е изготовка на проект за нивна санација.

„Ова е значаен мост за жителите на ’Ржаничино и Коњаре бидејќи ги поврзува овие две населени места. Санацијата се очекува да биде готова до април годинава, а за оваа намена се издвоени 3,5 милини денари“, истакна Јанакиески.

Како што нагласи Мисајловски, мостот долг 136,60 метри, а широк четири метри, има 22 отвора, со меѓусебно растојание на столбни места од 5,6 метри. Критични и неопходни за санација се две столбни места на средината.

„Санацијата е неопходна зашто е изграден во 1983 година. Дното на речното корито е веќе спуштено, водата со текот на времето го поткопала поради што е зголемена висината на столбовите, а тоа негативно влијае на стабилноста на мостот,“ изјави Мисајловски.

Тој информира дека минатата година почна изградбата на два нови моста, кај Злеово во општина Радовиш и на реката Злетовска кај село Пишица, општина Чешиново – Облешево. Кон крајот на 2014-та стартуваше и санацијата на мостот на Вардар на делницата Желино-Сиричино.

„Санацијата на овие четири моста ќе заврши во првата половина на годината, а за нив ќе бидат одвоени вкупно 61 милиони денари“, подвлече тој.

Годинава приоритет, како што нагласи Мисајловски, ќе биде санацијата на мостот на река Брегалница на делницата Кочани – Зрновци кој беше оштетен од неодамнешните поплави и за кој во моментов се подготвува техничко решение за градежно-санациони работи на мостот.

Планирани се и градежно-санациски работи на мост на делницата Гостивар – превој „Стража“, на мост на реката Треска на делницата Македонски Брод – Самоков и изградба на армирано – бетонски мост на делница Тркање – Пишица, кај село Соколарци.

Како што беше најавено од страна на министерот Јанакиески, од понеделник ќе започне и изградба на локални патишта во 38 општини во државата за чија цел се издвоени 7,2 милиони евра.

Според предвиденото овие локални патишта треба дa бидат готови до крајот на годината.

10491201_958391397505938_4985647345590759502_n