Нови плажи на Преспанско Езеро до почетокот на сезоната

До средината на јуни годинава ќе бидат уредени две нови модерни плажи во должина од 600 метри кај населбите Стење и Сливница на брегот на Преспанското Езеро.

Почетокот на градежните работи беше означен денеска кај Стење, во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и претставници на ресенската локална самоуправа.

Во Стење се уредува 500 метри плажа, а на источниот брег во Сливница 100 метри. Инвестицијата изнесува 77 милиони денари и треба да придонесе за заживување на туризмот во препанскиот регион.

Плажите ќе имаат многу содржини, игралишта за одбојки, фудбал, бадминтон,… шанкови, и целосно ќе бидат покриени со нов песок со што, според Јанакиески, се очекува Сливница и Стење да бидат подеднакво атрактивни и за домашни и за странски гости.

„По повеќе децениска стагнација на туризмот во Преспа веќе се работи на нешто што ќе придонесе за развој на оваа гранка што по редот на нештата ќе биде носечка во развојот на стопанството во овој регион“, истакна градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.

Покрај во плажите, ќе има вложувања и во обнова на регионалниот патен правец Битола-Буково и локалниот пат до Стење. Без инфрастуктура, беше истакнато, нема ни гости.

Како што информира Јанакиекси, добиен е позитивен одговор од Светска банка за реконструкција на овој патен правец при што ќе се објави јавен повик за истиот за изградба и реконструкција, а ќе се реконструира и самиот локален пат што води до самата плажа.