Премиерот Никола Груевски денеска официјално ја пушти во употреба локалната индустриска зона во Виница во која, како што кажа, веќе се продадени сите 11 парцели, а шест фабрики се во фаза на градба.
„Оваа зона заедно со ТИРЗ која Владата минатата година започна да ја гради помеѓу Виница, Зрновци и Кочани во голема мерка ќе придонесе за намалување на невработеноста и за заживување на економијата во Виница и во регионот“, рече премиерот Груевски.
Тој посочи дека стратегиите и политиките на Владата за засилен економски развој и привлекување поголем број странски инвеститори продолжуваат со несмален интензитет и во сите полиња од значење.
„Верувам дека на зоната во Виница и претстои добра иднина, а со неа добра иднина ги очекува и регионот и сите домаќинства од градот и околината кои денеска, но и во иднина ќе имаат по некој член во семејството вработен токму во некоја од фабриките и стопанските комплекси во локалната индустриска зона Виница“, потенцира премиерот Груевски.
Тој нагласи дека Владата и во иднина ќе продолжи со поддршката која ја дава на општината за сите проекти кои, како што кажа, се во интерес на граѓаните, како и со реализација на сите владини проекти кои се од општо добро за целиот регион.