Темелковски: Македонија има позитивни искуства во развивањето на прекуграничното управување со речните сливови

Во рамките на дводневната регионална CRESSIDA работилница: Локални предизвици на Дримскиот Басен, која во последниве два дена се одржува во Скадар, Албанија се реализираше панел дискусијата: „Менаџмент на речниот басен и управување со предизвиците на регионално, национално и локално ниво“.

Замениците министри за животна средина на Албанија и на Македонија, Олијана Ифти и Стево Темелковски, директорот на Директоратот за вода на Министерството за животна средина на Косово, Насер Бајрами, заедно со градоначалниците на Кукс и на Дебар, Хасан Халилај и Ружди Лата, како учесници на панел дискусијата, ги елаборираа националните и локалните искуства во управувањето со речните сливови, со цел да се препознаат добрите практики, да се потенцира потребата од прекугранична соработка, а посебно да се охрабрат локалните заедници, националните администрации, бизнис секторот и невладините организации, за поефикасно спроведување на нивните локални планови за одржлив развој во регионот на Дримскиот Басен и сливот на реката Дрина.

Дискусиите беа фокусирани на степенот на имплементација на Европската рамковна директива за води, на националната легислатива и институционална поставеност и капацитети, искуствата од реализирани и тековни проекти и предлози на модели за развивање на добра регионална и прекугранична соработка.

„Република Македонија ја има целосно транспонирано ЕУ директивата за води во националната легислатива. Таа е важен дел од европското законодавство за животна средина и бара од владите нов холистички пристап во управувањето со водните ресурси во кои ги вбројува реките, езерата, подземните води, утоките и крајбрежните води“ – истакна заменик министерот за животна средина Темелковски во своето елаборирање на македонските искуства во областа.

Понатаму, тој нагласи дека во Р. Македонија е донесен Законот за води, како и подзаконските акти со кои се уредува областа, а од стратешките документи изработени се Национална стратегија за води, Мастер план за води и Планови за управивање со речните сливови. Во однос на институционалната поставеност, управувањето со речните сливови е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) каде постои Сектор за води, во рамките на кој пак,се формирани посебни одделенија за управување со сливот на р. Вардар, на р. Црн Дрим и на р. Струмица.

Нагласувајќи ја отвореноста на МЖСПП за соработка со локалните самоуправи на национално, но и на регионално ниво за добро интегрирано управување со водените ресурси во сливните подрачја, Темелковски ги посочи проектите:

– Заедничко управување на проширениот Дримски Басен кој е финансиски поддржан од GEF, UNDP, UNECE, SIDA, а за што е формиран Билатералениот секретаријат, потоа

– Воспоставување Биосферен резерват Охрид-Преспа под заштита на УНЕСКО, финансиски поддржан од KFV банка и Германската влада, за кој исто така постои Билатерален секретаријат за сливот на Охридско Езерои во кој се вклучени 23 општини со што се поттикнува регионалниот развој како одржлив развој, согласно европските и светските добри практики;

– Програма за интегрирано управување со водни ресурси во сливот на реката Брегалница, кој е финансиски поддржан од

Владата на Швајцарската Конфедерација, а се реализира во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Главната цел на проектот е одржливо управување со водните ресурси во сливот на реката Брегалница, при што првата компонента има за цел да обезбеди институционален развој за воспоставување и успешно работење на телото за управување со сливот на реката Брегалница и втората компонента, во чии рамки ќе се реализира планирање и спроведување на мали инфраструктурни проекти за води. Директните корисници на Проектот ќе бидат 12 општини во сливот на реката Брегалница;

– Проект за Имплементација на Планот за управување со Преспанското Езеро, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и

– Управување со сливот на реката Струмица финансиран од SDC.

Во однос на потребите за развивање на регионална соработка, како препораки од панел дискусијата беше потенцирана потребата од институционално зајакнување на капацитетите на локално ниво, развивање на холистички пристап за интегрирано управување со речните сливови на регионално ниво, формирање на тело на речниот слив за управување на речните ресурси, каде што локалните власти полесно ќе ја остварат нивната функционалност и оперативност и собирање и обработка на податоци во прекуграничен контекст, т.е. размена на податоци и информации.

Програмата CRESSIDA ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија.

Истата е имплементирана од РЕЦ и е финансирана од Агенцијата за заштита на животната средина на Соединетите Американски Држави (US EPA).

1