Уште 1.000 здравствени работници на едукација во странство, воведени нови методи во ЈЗУ

Над 1.100 доктори и медицински персонал од 44 јавни здравствени установи во Македонија, од 2012 година досега, беа на едукација во реномирани медицински центри во САД, Европа и Австралија каде се стекнаа со нови знаења и веќе ги применуваат најсовремените методи и техники во лекувањето и третманот на пациентите во државата. Годинава 1.000 доктори и медицински персонал ќе бидат испратени на едукација во реномирани медицински центри во странство.

Едукацијата на медицински персонал во странство се одвива во рамки на еден од најзначајните проекти на Министерството за здравство со што дополнително ќе се придонесе кон подигнување на квалитетот во јавните здравствени установи во државата.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека досега во едукација на медицински персонал се инвестирани 90 милиони денари.

„Во 2012 година реализирани се 69 едукации, во 2013 година на едукација во странство испративме 501 лице, а во 2014 година реализиравме 514 едукации. По завршените едукации, македонските лекари го пренесуваат стекнатото знаење и искуство во својата матична установа, со што значително се унапредува квалитетот на здравствените услуги. Едукациите овозможуваат докторите да стекнат бројни професионални контакти, да развијат пријателства со нивните странски колеги со кои продолжуваат да соработуваат и да се консултираат за различни аспекти од работата“, рече Тодоров.

Укажа на некои од новите методи кои македонските доктори ги совладале во реномираните медицински центри во странство. Доктори од Градската општа болница „8 Септември“, посочи, беа испратени на едукација во: Клиничкиот центар во Нирнберг, медицинскиот центар Аџибадем во Истанбул и во Онколошкиот институт во Љубљана, каде ја совладаа методата кор биопсија на дојка.

„Станува збор за предоперативна дијагностичка процедура кај малигните заболувања на дојка, која е многу понапредна од биопсијата која претходно се применуваше поради точноста при поставувањето на дијагнозата, помала стапка за сомнеж за евентуален малигнитет и пониска стапка на лажно негативни наоди. Од 1 јануари 2014 година досега со оваа метода се извршени 545 кор биопсии на дојка“, потенцира Тодоров.

Нагласи дека во Универзитетскиот клинички центар Хамбург-Епендорф, докторка од Клиника за гинекологија и акушерство била испратена на едукација во областа на лапараскопска хистеректомија.

„Пред едукацијата, на годишно ниво се вршеле околу 450 вакви интервенции, а сега се извршуваат по 1.200 – 1.300 интервенции, што значи дека трикратно е зголемен бројот на пациенти кои се третираат со оваа метода, како бенефит од спроведената обука. За потребите на мрежата на интервентна кардиологија, поточно за интервентната кардиологија во Штип, доктор беше испратен на едукација во болницата Сент Џорџ во Сиднеј, по што во Клиничка болница Штип се извршени 58 стентирања и 207 коронарографии“, истакна Тодоров.

Од Институтот за патологија, појасни, на едукација е испратена докторка во болницата АКH Виена и во Универзитетски клинички центар Хамбург-Епендорф, а по едукацијата, воведена е fish-метода и нови протоколи за интерпретација на хистопатолошки наод кај малигни заболувања на дигестивен систем (досега протоколот е применет кај 486 пациенти), уринарен систем (протоколот е применет кај 150 пациенти) и дојка (протоколот е применет кај 100 пациентки).

„Во врвниот медицински центар Аnn Аrbor во Мичиген, САД, беа испратени доктори од ГОБ „8 Септември“ на едукација за артроскопија на рамо и колено, така што по едукацијата веќе се извршени 5 артроскопии на рамо и 10 артроскопии на колено. По реализираната обука на двајца доктори од Клиниката за пулмологија и алергологија во болницата Хенри Форд во Детроит, САД, воведена е нова метода ендобронхеален ултразвук за дијагностика на белодробен карцином, со која веќе се третирани над 30 пациенти“, рече Тодоров.

Посочи дека во поликлиниката Агустино Џемели во Рим, на едукација испратиле доктори од Клиниката за гастроентерохепатологија, со што значително се подобрени вештините на докторите за RCP, како и вештините за ендоскопски прегледи.

„Докторка од Ортопедија беше упатена на едукација 9 месеци во повеќе реномирани медицински центри, како што се: Чапа и Черепаша (медицински факултети), при Универзитетот во Истанбул, во Аџибадем и Медикал Парк во Истанбул, за микрохирургија на дланка, а со оваа метода месечно се вршат околу 20-тина интервенции. По завршената едукација во Клинички центар Љубљана, доктор-специјалист по радиологија и радиолошки техничар во Клиничка болница Штип ја воведоа методата CТ перфузија, со која веќе се третирани четири пациенти“, додаде Тодоров.