Со поддршка од Министерството за култура, во тек е реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на манастирскиот комплекс „Св. Никола“ во село Љубанци, Скопско …
Проектот, чија целосна реализација е предвидена за 2016 година, предвидува конзервација и реставрација на конаците на овој комплекс кој датира од 19 век.
Во изминатиот период, надлежната установа, Конзерваторски центар – Скопје, заврши неколку активности, меѓу кои и демонтажата на оштетените и дотраени елементи на конакот во манастирот. За годинава е предвидено геомеханичко испитување на земјиштето, по што ќе се дефинира основниот проект за конзервација и реставрација на манастирскиот комплекс и ќе започне изведбата на новиот објект. Исто така, иконостасот во црквата, кој е изработен од познатиот мијачки мајстор Дичо Зограф, беше целосно реставриран и конзервиран од страна на надлежната институција. Непосредната заштита и реставрација на стариот конак на овој манастир ќе биде од големо значење и за граѓаните на село Љубанци и на целата општина Бутел, токму поради фактот што тие се доста чести посетители на овој споменик на културата кој е посветен на свети Никола.
Манастирот „Св. Никола“ во селото Љубанци, сместен на падините на Скопска Црна Гора, е комплекс од градби од 19 и 20 век. До 1960 година функционирал како машки манастир, а од 1998 година бил возобновен како женски манастир. Поради погодноста на планинската клима, за време на Втората светска војна манастирот претставувал воздушна бања за болни од туберколоза.