Повеќе од ветувачки се резултатите од ангажирањето на странските експерти во македонското стопанство. Вкупно 45 проценти од домашните фирми ги подобриле производниот процес и маркетингот, а 10 отсто имаат придобивки во анализата на работењето и планирањето на идните активности, соопшти денеска премиерот Никола Груевски.
Според премиерот, 87 проценти од компаниите изразиле очекување дека ќе отворат нови работни места, додека 86 отсто повторно најавиле потреба и желба од ангажирање странски експерти.
„Еден од основните интереси на Владата е македонските фирми да бидат што поуспешни, со поголема заработувачка. Тоа носи придобивки за целото стопанство, за целата економија. Доброто работење и зголемената добивка овозможуваат реинвестиции, иновации, зголемено производство и извоз, освојување нови пазари, отворање нови работни места“„,… нагласи Груевски.
Како што информира претседателот на Владата, пред неколку дена е објавен втор повик за македонските компании кои сакаат да ангажираат странски експерти. Рокот за пријавување е до 24 април. Повикот е наменет за фирми кои постојат најмалку две години, а имаат од 5 до 250 вработени и најмалку 51 процент домашен капитал. Може да конкурираат и компании кои веќе користеа експертска помош.
Проектот почна минатата година со првиот оглас на кој аплицираа 98 претпријатија од 20 градови во земјава. Најмногу беа мали фирми со максимум 50 вработени, а потоа средни и големи компании. Експертите со кои Владата стапи во контакт и беа ангажирани, главно дојдоа од Германија, Холандија, Швајцарија и Австрија.
Премиерот уште еднаш напомена дека Владата целосно ги покрива трошоците за странските експерти, освен за сместување и локален транспорт.
Според Груевски, останува заложбата за отвореност кон стопанството и негова поддршка во секоја смисла. Иста е мисијата – водењето бизнис во Македонија да биде лесен, брзоратсечки и профитабилен процес, подвлече премиерот.
„Изминатите години домашната економија имаше постојан и искрен партнер во Владата. Заедно поминавме низ многу тешки години, години на светска финансиска, економска криза, на европска должничка криза. Тука бевме секогаш кога требаше да се помогне, тука ќе бидеме и во иднина. Нашата економија бележи одлични резултати, тоа е нотирано и признато од сите меѓународни фактори и организации. Сите заедно треба да ја искористиме оваа ситуација и да поттикнеме уште поголем раст“, порача Груевски.
Владата, додаде, работи на сите области кои можат позитивно да влијаат на економијата и да го подобрат стандардот на граѓаните.
Позитивниот ефект од работата на странските експерти со домашните компании е повеќе од евидентен, оценија и претставниците од стопанските комори кои присуствуваа на денешната презентација на проектот во Владата.
Според нив, најзаинтересирани за ангажирање странски експерти се фирмите од ИТ секторот, индустриското производство, технологијата, финансиите и другите услужни дејности.
Билјана Пеева од Стопанската комора на Македонија оцени дека е добро тоа што уште при првиот повик немало ограничување за областите за кои бизнисмените можеле да побараат ангажирање на странски екперти, односно се одело на приципот да им се излезе во пресрет на сите компании кои ги исполниле условите согласно јавниот повик.
„Ефектите од проектот се оценети како доста позитивни, односно компаниите потенцираа дека странските експерти им помогнале во однос на подобрување на производниот или услужниот процес и имале подобрување во однос на делот на маркетингот и на процесите на аанлиза и планирање на дејноста“, истакна Пеева.
Извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија, Митко Алексов нагласи дека искуствата на компаниите од ангажирањето на странски експерти се позитивни.
„Потребата од ангажирање експерти во одредени експерти е евидентна како во производниот процес, така и во останатите системски потреби во било која компанија. Најмногу заинтересирани компании имаше и има во областа на производниот сектор, ИТ услугите и услужните дејности. Верувам дека и на вториот повик компаниите ќе ја искористат стручната помош на експертите,“ рече Алексов.