Сите студенти на државните и приватните универзитети, кои првпат запишале трета или четврта година, а чии семејства немаат поголем месечен приход од просечна нето плата во Македонија, која во моментот изнесува околу 21.500 денари, ќе добијат бесплатен таблет со тастатура, најави премиерот Никола Груевски на денешната трибина во СЦ „Борис Трајковски“.
Целта, нагласи, е да им помогнат да се здобијат со поквалитетно образование, со повеќе можности, шанси, и еднаквост со оние чии родители имаат поголема заработка.
Груевски објави дека следното покачување на социјалната помош, кое треба да се реализира во јуни, наместо најавените пет отсто, ќе биде двојно, односно 10 проценти.
„Социјалната парична помош е зголемена за 47 проценти, а постојаната парична помош за 46. Над 9.000 деца од социјално ранливи семејства отидоа на бесплатен одмор“, истакна Груевски.
Потсети дека изминатиот период пензиите во просек се зголемени за 62 отсто, а најниските пензии се зголемени за 76 проценти. Следно покачување на пензиите ќе биде во октомври.
„Покрај зголемувањето на пензиите за пензионерите се обезбедија многу други бенефиции, меѓу кои и тоа што 25.000 пензионери отидоа на бесплатна бања, а оваа година уште 5.000 ќе одат“, рече Груевски.
Платите во јавниот сектор, според него, се покачени за 27 проценти и пак ќе се зголемуваат. Обезбедени се над 300 нови автобуси за градскиот превоз, 80 нови возила за итна медицинска помош, над 600 милиони евра се дадени како субвенции за македонскиот земјоделец, обезбедени се 107 нови товарни вагони за железницата, а ќе пристигнат уште 43. Во производство се веќе композициите на патнички ваагони со кои за две третини ќе се замени возниот парк за патници во Македоонија, со нови и наајсовремени оваа година. Обезбедена е најсовремена медицинска опрема и апарати во вредност од над 100 милиони евра, над 140 милиони евра се инвестирани или се во тек на инвестиција за изградба и реконструкција и реновирање на јавните здравствени установи. Намалени се цените на над 3.000 лекови некаде и до 80 проценти.
Премиерот Никола Груевски го спомена и законот за вработување на над 3.000 лица, кои беа волонтери или вработени на определено време, кој е во тек.
„Обезбеден е компјутер за секое дете во основните и средните училишта, а почнувајќи од оваа и наредните две години ќе извршиме комплетна замена на комјутерите со нови, посовремени, кои најверојатно ќе се таблети со тастатури. Достапноста и опфатноста на интернет е зголемена од 16 отсто на над 70. Додека беа тие на власт да добиеш мрежа за интернет беше равно како да добиеш бинго. Цената на телефонскиот импулс е намалена за над 70 проценти,“ истакна Груевски.
Партиципацијата за студирање на државните универзитети, според него, е намалена од 1.000 на 200 и 400 евра. Воведена е минимална плата, која неколку пати е зголемена, а зголемување е најавео и за следната година. Во изминатиот период, додаде тој, решен е статусот на професионалните војници. Од 2006 година досега изградени се 45 основни и 5 средни школи, реконструирани се 230 основни и 80 средни школи, изградени се 80 спортски сали, Националната арена Филип 2 Македонски и спортско рекреативниот центар Борис Трајковски, нов аеродром во Скопје „Александар Велики“, а целосно е реконструиран и модернизиран охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, но и воведени се над 15 нови авионски дестинации со евтини летови од Скопје до европските метрополи.
Тој потенцира дека Македонија шест пати по ред добива позитивен извештај од ЕК и препорака за почеток на преговори со ЕУ, доби визна либерализација, позитивна судска пресуда од меѓународниот суд на правдата во Хаг, ги исполни сите услови за членство во НАТО, и тоа беше потврдено на самитите во Букурешт, Чикаго и Кардиф.
Во најтешко време на криза во Европа, укажа, кога каматите драстично пораснаа, 350 милиони евра се дадени како евтини кредити за македонските компании на кои им се субвенционира каматата во висина од 5,5 проценти. Во тек е и четвртата транша во вредност од нови 100 милиони евра. Обезбеден е откуп на дворови по едно евро за метар квадратен. Обезбедена е легализација на дивоградбите и земјиштето под нив по едно евро за метар квадратен. Девизните резерви се над 2 милијарди евра.
Во услови кога сме под сериозен напад со цел политичка и системска дестабилизација, укажа, ние мислиме и работиме на реалните потреби на граѓаните. – Ете што ние работиме додека СДСМ го забавуваа народот со креирани телефонски разговори добиени од странски разузнавачки служби, обидувајќи се со сите сили да не прикажат како нечовечни, како злобни, како криминалци, и како некакво зло. Ама зло што гради и создава, отвара илјадници нови работни места, работи по 15 саати на ден да помогне секому кому може. Зло што на секој млад човек кој ќе се запише на некој од првите 100 односно 200 во техничките науки универзитети во светот му ги покрива сите трошоци за студирање и престој. Некое чудно зло, е ова нашето… Како не дојде едно вакво зло уште порано во деведесетите кога се затвораа и уништуваа фабрики и кога 200 илјади луѓе останаа без работа, кога се пљачкаа штедачите, кога цветаше шверцот во сите негови форми, кога се промени знаето и името на државата, кога цели седум години државата работеше без закон за јавни набавки, и наместо тоа за милионски набавки се бараше да се обезбедат само, замислете три понуди од кого сакаш, рече Груевски.
За тврдењето на опозицијата дека нема слобода на медиумите, забележа дека, според него, креирани телефонски разговори, вадени од контекст и сечени истовремено се пуштани на три национални телевизии во пренос од универзална сала во живо.
„Ние имаме дела зад нас, проекти, мерки, труд и макотрпна работа, и ние постојано мислиме како да направиме нешто повеќе и подобро за нашите граѓани. Ете така ние се бориме за Македонија. Тоа значи да се бориш за сопствената држава и сопствениот народ. Со вистински дела, со реални проекти, кои се одговор на реалните потреби на народот, а не со сценарија подготвени заради туѓи агенди“, наведе Груевски.
Во однос на инвестициите, потсети и на изградбата на трите автопати во должина од над 120 километри, за кои се инвестираат околу милијарда евра.
„Денес сакам да потврдам дека покрај тоа што во моментот во Македонија се изградија аеродромите, се градаат железницата кон Бугарија, од вчера и гасоводот од Куманово кон Штип, се градат три автопати, едниот меѓу Демир Капија и Гевгелија, вториот од Скопје кон Штип, третиот од Охрид кон Кичево, во април ќе излезе јавен повик за концесионер за нов автопат, помеѓу Кичево и Гостивар. Со оглед на тоа дека веќе една компанија не извести дека ќе се јави на повикот под условите кои ги најавивме, тоа ќе значи и дека околу нова година ќе почне градбата и на новиот втопат кој паралелно ќе се гради со другите три,“ појасни Груевски.
Од август или од септември најави дека ќе почне градбата на нов експресен пат со четири ленти меѓу Штип и Кочани и проширување во експрессен пат меѓу Градско и Прилеп, а од нова година ќе почне проширувањето на патот Охрид – Пештани. Следната година ќе почне градбата на експресниот пат со четири ленти од Ранковце до Крива планка и бугарска граница, и процедурата за градба на експресен пат од Штип до Радовиш.