Цариниците на обука за стратешко планирање организирана од Светска Царинска организација

Во периодот од 16 до 20 март 2015 година во Регионалниот тренинг центар на Светската царинска организација во Скопје (РТЦ), се одржува Работилница за стратешко планирање, наменета за раководители од средно ниво. Предавачи на обуката се експерти од Светската царинска организација.

Целите на работилницата се запознавање на учесниците со методологиите и придобивките на ефективното стратешко планирање, развојот на долгорочен стратешки план усогласен со стратешките приоритети на администрацијата, како и воспоставување на активности поврзани со стратешките цели дефинирани со носителите на активностите и индикаторите за успех.

Еден од очекуваните резултати кои треба да произлезат од работилницата е Нов Стратешки план на ЦУ кој ќе биде доставен до Министерството за финансии на одобрување и имплементиран од страна на Царинската управа.
Инвестирањето во вработените, како стратешка определба на Царинската управа на Република Македонија е во согласност со Стратегијата за градење на капацитети во царинските администрации, подготвена од Светската царинска организација во име на меѓународната Царинска заедница.

Регионалниот тренинг центар Скопје е отворен со цел преку воспоставување на професионални програми за трајна обука со целосна имплементација на професионалните стандарди, препорачани од страна на Светската царинска организација да се овозможи едукација и усовршување на царинските службеници од царинските администрации во регионот.

DSC_0411