Градоначалникот Никола Бакрачески денес ги прими учениците од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ кои во наредниве две недели ќе бидат на практична обука во Измир , Р. Турција. Со учество во проектот “Иднината на мехатрониката“ 10 средношколци од ова охридско училиште заедно со учениците од стручните училишта од Гостивар и Кавадарци ќе ги претстават Охрид и Македонија на меѓународен план како и спецификите на нашиот образован систем .
„Учениците ќе бидат претставници на нашиот град во Турција. Убеден сум дека со нивниот квалитет , знаење, капацитети и потенцијал ќе го презентираат образованието и образовниот систем на Р. Македонија. Убеден сум дека нашите ученици ќе го прикажат нивото на знаење коешто сите ние го очекуваме од нив и се разбира ќе понесат добри впечатоци од градот Измир во делот на нивното прво искуство во меѓународната соработка. Локалната самоуправа ги поддржува ваквите меѓународни соработки во полето на образованието . Се надевам дека ова училиште и во иднина ќе продолжи со вакви меѓународни активности кои што ќе бидат мотив и други училишта да бидат дел од вакви проекти . Меѓународната соработка е еден од начините за стекнување подобро образование . На тој начин се стекнуваат искуства кои се поразлични од вообичаените во нашиот образовен систем. Новите искуства стекнати во меѓународната соработка во полето на образованието ќе можеме да ги примениме и во нашите средни и основни училишта бидејќи сметаме дека тоа е моделот според кој треба да се развиваат и да комуницираат децата во делот на нивното образование и стекнување нови вештини и научни сознанија“, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Проектот “Иднината на мехатрониката“ е спонзориран од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност во рамки на програмата “Еразмус плус“ на Европската Комисија за стручно образование.
„Во рамките на овој проект учениците ќе имаат можност да се стекнат со нови знаења, вештини и компетенции од областа на мехатрониката . Децата ќе имаат можност да и ги збогатат и своите јазични вештини бидејќи целата комуникација ќе се одвива на странски јазик. Ова е можност за зацврстување на соработката помеѓу нашето и партнер училиштата во Турција како и можност и за промоција на нашиот град Охрид и Македонија во Р. Турција “, истакна директорот на ОМУ „Св. Наум Охридски, Јане Цаноски.
Како резултат на добрата соработка се очекува наредната учебна година најмалку 30 ученици од ОЕМУЦ “Св. Наум Охридски“ да одат на практична настава во партнер училиштето во Измир, а ова охридско училиште преговара и со голема компанија од Гетеборг – Шведска со цел и таму наши ученици да се праќаат на пракса.