Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски вчера учествуваше на десеттиот јубилеен Бриселски Форум во организација на Германскиот Маршал Фонд (ГМФ). На вечерата посветена на претставниците на земјите од југоисточна Европа, министерот Јолевски говореше за плановите на Република Македонија за интеграција во НАТО и Европската унија, реформите во областа на образованието и приливот на странски инвестиции во државата. Покрај Министерот Јолевски на вечерата се обратија и Џорџ Воиновиќ, поранешен Сенатор на САД, Кори Удовички потпретседателка на Владата на Република Србија, г-дин Иван Вејвода потпретседател за програми при ГМФ и домаќинот на вечерата. “Местото на Република Македонија е во рамките на НАТО и ЕУ како рамноправен член кој се залага за економски просперитет, мир и безбедност во Европа и светот” – изјави министерот Јолевски.
За време на Бриселскиот Форум, министерот Зоран Јолевски оствари средби со државни и тинк тенк претставници како Даниел Фрид координатор за политика во Стејт департментот, Дејмон Вилсон извршен потпретседател при Атлантскиот Совет, Ален Лероа генерален секретар на Европската служба за надворешни работи и амбасадорот Алесандро Минуто-Ризо – поранешен заменик генерален секретар на НАТО. На средбите беа потврдени аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ, беа истакнати реформите во областа на образованието и здравството, реформите и модернизацијата на АРМ, како и се поголемиот број на странски инвестиции и завидните резултати во областа на економијата. Република Македонија беше поддржана од страна на соговорниците да продолжи да се движи по патот кон НАТО и ЕУ, поздравени беа и неопходните реформи кои Владата на Република Македонија ги усвојува со цел да ја подобри благосостојбата на македонските граѓани и да ја внесе Македонија во Евро-атлантското семејство. При разговорите соговорниците изразија благодарност за придонесот на македонските војници во мисиите ИСАФ и Оддлучна поддршка во Авганистан со која Република Македонија докажува дека е партнер на НАТО и ЕУ, за промоција на слобода и безбедност во светот. Планот за Евро-атлантската интеграција како крајна цел на Република Македонија, и сите земји од регионот, беше поздравен од сите соговорници.
На панел дискусиите на Форумот стана збор и за иднината на соработката меѓу ЕУ и САД. Говорниците истакнаа дека односите со САД треба и понатаму да се негуваат и унапредуваат особено во сегашниот геополитички период на промени и конфликти во Украина и Блискиот исток. Бројни говорниците исто така истакнаа и дека е време ЕУ да ги промени досегашните фискални и монетарни политики и дека е крајно време Грција да се однесува како достоен член на НАТО и ЕУ и да ги прифати предлозите за излез од економската криза и враќањето на долгот кон ЕУ.
Министерот Јолевски во разговорите со високите функционери на американската администрација задолжени за преговорите за Трансатлантската Спогодба за слободна трговија и заштита на инвестициите, позната како TTIP, укажа на потребата во овој договор да има клаузула со која ќе се овозможи пристапување на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја Македонија.