Со предвремената отплата на долгот кон ММФ Македонија заштеди 5 милиони евра и го подобри угледот кај меѓународните финансиски институции и кај странските инвеститори, рече попладнево на собраниската седница посветена на пратенички прашања вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Одговарајќи на прашање од Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, Ставрески појасни дека со оваа трансакција се вратија пред време 174 милиони американски долари, а кој долг требаше да се врати заклучно со март 2016 година. Предвремената исплата е направена за да се направат заштеди поради јакнењето на курсот на доларот во однос на еврото.
„На ваков начин со предвремената отплата заштедивме најмалку 5 милиони евра на курсни разлики кои ќе се случеа до март 2016 доколку го отплатевме како што првично беше предвидено. Отплата на долгот пред време беше поздравена и од првиот човек на ММФ, Лагард која укажа дека е благодарна што Македонија имаше финансиска сила да го врати долгот пред време, и тоа покажува дека соработката на Македонија со ММФ е на здрава основа, што значи и во иднина ни се широко отворени вратите. Со оваа предвремена отплата се подобрува репутацијата на Македонија, како земја која не само навремено туку предвремено ги сервисира своите обврски. Третата придобивка е што во очите на меѓународните инвеститори, на сите кои ја имаат запишано еврообврзницата, но и оние кои сакаат да инвестираат во Македонија, ова е показател дека земјата има стабилна макроекономска и фискална позиција и дека е сериозна и одговорна кон обврските кон ММФ, ЕБРД, СБ или кон инвеститорите. Така што од сите аспекти ова е позитивна трансакција“, рече Ставрески
На прашање од пратеничката Светлана Јакимовска за трансформација на работниот однос на лица кои биле ангажирани со различни видови привремени договори (авторски, договори на дело или волонтерски договори) во државните институции, вицепремиерот Ставрески рече дека со законот се овозможи решавање на едно горливо прашање за повеќе илјади граѓани. Спорд него, очигедно е дека за ефикасно извршување на работните задачи тие луѓе се потребни, а нивниот труд не беше валоризиран. Со законското решение, рече, на овие лица ќе им се овозможи трајно вработување што им дава сигурност, а е добо решение и за институциите кои ќе добијат мотивирани работници.
„Постапката е таква што сите државни институции беа задолжени да достават барање до Министерството за финансии со одредена документација. Таа документација треба да содржи доказ дека лицата биле на список на тие државни институции, односно имале склучен договор во кој било формат од договорите што веќе ги спомнав на 30 ноември 2014 година и тој договор е стар најмалку три месеци, односно најмалку три месеци да биле претходно ангажирани и второ да имаат и после 30 неомври активен договор со соодвтена институција“, рече Ставрески.
Тој додаде дека инситуциите беа должни да поднесат целокупна документација до Министерство за финансии, која вклучува и доказ за извршени плаќања соодвтено на договорите. Доколку таа документација е законски исправна Министерството издава согласност на соодветните институции, кои подоцна издаваат решенија на лицата за нивно трајно вработување. Предност имаат лицата кои биле со најдолг договорен однос, а во секоја институција ќе бидат поделени на три групи.
„Првата група од 35 проценти им се издава решение дека веднаш им се трансформира работниот однос и тие од тој ден практично стануваат редовно вработени. Втората група од следните 35 отсто, исто така добива решение, но за нив важи од декември 2015 година, а до тогаш продолжуваат со истиот тип договорен однос. Третата група од 30 проеценти исто добиваат веднаш решение кое стапува во сила во септември 2016 година, а дотогаш продолжуваат со постојниот работен однос. Тоа создава сигурност за сите лица дека ќе им се трансфомира работниот однос, а овозможува од друга страна тоа да се направи со динамика соодветна на можностите на тие институции“, рече Ставрески.