Министерот Ивановски денеска го претстави проектот за доделување таблети на студенти, како дел од новиот сет економски мерки на Владата на Република Македонија. Според него, ќе бидат доделени 12.000 ваучери за набавка на вакви уреди, што ќе биде од корист како за студентите, така и за развојот на економијата.
Компаниите кои ги исполнуваат условите можат да аплицираат во министерството и да започнат со привлекување на студентите за искористување на ваучерите.
„Анализата која што ние ја имавме направено како Влада за тоа кои се цените и кои се таблетите што се најбарани минатата година, покажува дека сумата од 8000 денари е далеку подобра од она што беше најбаран таблет во цела 2014 година. Од А класа на таблети во Македонија во 2014 година беа увезени 15.000 таблети, а само со оваа програма која што ја има Владата на Република Македонија можеме да им понудиме 12.000 ваучери на студентите.“– истакна Ивановски.
Тој посочи дека со спроведување на овој проект се очекува и пад на цените, бидејќи конкуренцијата во економијата ќе се раздвижи.
Претседателот на ИКТ Комората при Сојузот на стопански комори, Саша Огненовски, истакна дека оваа акција ќе придонесе за зголемување на продажбата на ИТ опремата пред се на таблетите.
Дејан Кимовски, еден од сопствениците на компанијата „СЕТ компјутери“ изрази задоволство од спроведувањето на проектот, со кој како што рече, покрај тоа што студентите од најранливите категории ќе добијат бесплатни таблети дополнително ќе помогне и на ИТ индустријата и ИТ компаниите во земјата.