Кривични пријави за лица кај кои била пронајдена дрога

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги и психотропни супстанци и прекурсори“ полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Б.И. (24) од струшкото село Велешта и Т.Б.(20) од Турција на студиски престој во Струга.

На 25 март оваа година, во куќа на улицата „15 корпус“ во Струга двајцата пријавени се затекнати при пакување опојна дрога хероин и марихуана наменета за натамошна продажба на наркозависници.

При претресот во една од собите, на маса каде биле пријавените, забележана е истурена прашкаста материја со кафеава боја што според нив, била набавена од лице од Велешта по цена од 6000 денари. Пронајдени се и неколку опаковки со хероин и марихуана и поголем број парчиња од најлонска и алуминиумска фолија за пакување на дрогата.

Дополнително, во левиот џеб од јакната на Б.И. пронајдена е марихуана во пакување од 28 грама што тој требало да ја однесе за продажба по претходен договор со наркозависник од Струга.