Компаниите членки на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) денеска во рамките на Форумот со работодавачи насловен „Со подобри политики на поддршка до повеќе вработувања во бизнис секторот“ имаа можност да се запознаат со активните мерки и политики за вработување кои се во тек и оние кои се планира да се реализираат во текот на годинава.
„Министерството за труд и социјална политика во соработка со Агенцијата за вработување (АВРМ) досега организираше 15 форуми за работодавачи. Цел ни е во текот на годинава да ги посетиме сите општини и на локално ниво да ги презентираме мерките, но и во соработка со коморите и организациите на работодавачи да организираме повеќе настани на кои ќе ги запознаеме приватните компании со можностите кои се нудат за да се зголеми опфатот на невработени лица“, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов пред почетокот на форумот.
Тој посочи дека во Оперативниот план за активни мерки и политики за вработување за 2015 година се предвидени 660 милиони денари. Најголемиот дел од нив, како што рече, како субвенција ќе оди кај приватните компании за да се стимулираат да отворат нови работни места.
Појасни дека се уште во функција останува мерката секоја компанија која ќе вработи младо лице до 29 годишна возраст 12 месеци да биде ослободена од плаќање на придонеси, преку која, нагласи, за период од една година се вработени над 7.500 лица. Наскоро се предвидува во владина и собраниска процедура да влезе и новиот пакет на мерки за повеќе возрасни групи на невработени и ранливи групи на граѓани преку кој се предвидуваат ослободувања од плаќања придонеси за пет и повеќе години.
„Тоа ќе значи директна помош, поддршка и стимулација за приватниот сектор да отвори нови работни места заради намалувањето на трошоците за ангажирање нова работна сила. Со новиот пакет на мерки се очекува да се вработат над 20.000 нови лица,“ рече Спасов и најави дека и во иднина во соработка со АВРМ ќе спроведат низа активности за да се промовираат мерките пред сите компании.
Претседателот на ССК, Данела Арсовска посочи дека со новите мерки директно ќе се влијае компаниите да го зголемат бројот на вработените и да го подобрат своето работење.
„Секоја компанија има потреба од кадар кој ќе придонесе за нејзиниот развој, но не секогаш има можност тоа да го направи. Мерката за вработување намлади лица, како и новиот сет на мерки кои наскоро ќе стапат на сила се повеќе од одбродојдени за компаниите кои имаат план за проширување на својата дејност и имаат потреби од нови вработувања. Верувам дека мерките ќе ги мотивираат работодавачите да гозголемат капацитетот на човечките ресурси во нивните компании“, рече Арсовска.
Таа додаде дека мерките се позитивни, бидејќи имаат за цел креирање нови работни места и намалување на невработноста, но и на давачките за компаниите.
Директорот на АВРМ, Влатко Поповски потенцира дека преку доследна примена на мерките се обидуваат да му помогнат на стопанството и на невработените да дојдат до работно место.
„Се надеваме дека стопанството ќе има голема помош со овие мерки и тоа не само да вработат луѓе, туку да вработат луѓе кои вистински им требаат што ќе придонесат за зголемување на продуктивноста и профитот“, рече Поповски.
Во рамките на работниот дел на Форумот компаниите дискутираа за искуствата од досегашната примена на политиките за вработување на локално инационално ниво и ги идентификуваат предизвиците и потребите на бизнис заедницата за јакнење на соработката и зголемување на вработеноста. Некои од компаниите презентираа свои успешни примери на користење на активните мерки и програми за вработување.