„Како Влада низ еден партнерски дијалог во интерес на сите засегнати и во соработка со македонскиот полициски синдикат, работевме на Стратегија за усогласување на основната плата во МВР со основната плата со слични служби од јавната администрација и постигнавме договор усогласувањето да биде со платите во Царинската управа, при што освен тоа што ќе се обезбеди: етапно усогласување на платите во МВР ќе се признае и посебната улога на МВР во општеството заради ризиците, функциите кои ги врши и специфичните задачи во кои не се вклучени други структури на јавната администрација“.Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната прес конференција на МВР на која што таа ги презентираше мерките што во наредниот период ќе се превземат во насока на зголемување на платите на вработените во МВР.
Всушност како што нагласи Јанкулоска – “станува збор за мерка која директно ќе ја почуствуваат над 10 000 вработени во МВР, но и сите членови на нивните семејства. Тоа е најавеното “Усогласувањето на плати“, дел од Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2014-2018 година. Ова е наше ветување кое на последните избори беше масовно поддржано од граѓаните и кое треба да резултира со зголемување за околу 20% на основната плата на ПС и ОСЛ до крајот на 2017 година.“
Потенцирајќи дека полициските службеници и ОСЛ во МВР со нивното залагање и посветеност на работата го заслужуваат ваквиот третман Јанкулоска исто така истакна дека почнувајќи веќе од наредниот месец, односно со исплатата на априлската плата која се добива на почетокот на мај, вработените во МВР ќе добијат плати кои ќе бидат повисоки за 5% во однос на нивната мартовска плата која деновиве ќе биде исплатена. Тоа значи дека за оваа намена Владата обезбедува дополнителни 250.000.000,00 денари до крајот на годинава. А пак дека усогласувањето ќе продолжи и во наредните две години и на крајот на 2017 година основната плата на лицата со посебни должности и овластувања ќе се изедначи со основната плата на лицата со посебни должности и овластувања во Царинската управа.
Притoа, министерката Јанкулоска нагласи дека паралелно со овој процес, ако дојде до покачување на платите на останатите вработени во администрација, тоа ќе важи и за вработените во МВР односно тоа ќе биде ново дополнително покачување независно од процесот на усогласување на платите.
На прес конференцијата министерката Јанкулоска покрај ова се осврна и на досега превземените конкретни мерки на Владата на РМ во изминатиот период а во поглeд на подобрување на социјалните стандарди на вработените на МВР притоа констатирајќи дека од 2006 наваму, и покрај тешката светска економска криза, платите во министерството се веќе повисоки за над 25 проценти, “а тоа заедно со бројните инвестиции во опрема и подобрување на условите за работа, најдобро го покажува позитивниот однос на Владата предводена од премиерот Никола Груевски кон вработените во МВР“.
„Тоа што го ветивме, тоа и го остваруваме. Уште еднаш докажуваме дека кога се има искрена воља и чесна намера, преку конструктивна дебата со репрезентативниот синдикат може да се дојде до позтивни решенија за сите засегнати страни“, потенцираше Јанкулоска.
Тихо Климовски, пак, претседател на Македонскиот полициски синдикат истакна дека здравиот социјален дијалог со МВР, придонесе да се отпочне со процес на усогласување на платите и дека обемната компаративна анализа на работни тимови од синдикатот и МВР вроди со плод.
„Ова покачување ќе ја зголеми мотивираноста во извршувањето на службените обврски, ќе овозможи и реализација на актите кои се во завршна фаза на донесување во МВР односно на новиот Колетивен договор во МВР“, рече Климовски.