Денот на шегата го одбележаа и основците од Дебрца

Во рамките на проектот за Мултиетничка интеграција во образованието и склучениот партнерски договор помеѓу училиштата ЦОУ„Дебрца“ с. Белчишта и ОУ „Нури Мазари„ с. Корошишта, околу 200 ученици од одделенска настава заедно со нивните наставници заеднички го одбележаја денот на шегата 1 Април во с. Корошишта.

„Со најразлични маски и шаренило од бои покажаа дека за децата не постојат никакви бариери, бидејќи секогаш зборуваат со јазикот на љубовта и со отворените детски души и насмевки.

Домаќините на сите присутни им приредија срдечен пречек и со дефиле на маскираните дечиња по улиците на селото ги израдуваа жителите на с. Корошишта со ваквиот несекојдневен настан.“- информираат од ЦОУ „Дебрца“.

Покрај богатата забавна програма и дружење најдобрите и најкреативни маски беа почестени со признанија и скромни награди.