Кривични пријави за охриѓани поради „Злоупотреба на службената положба и овластување“

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.Ц.(52) и Е.С.(60) двајцата од Охрид.

Првопријавениот В.Ц. во својство на директор на ЈП „Нискоградба“-Охрид, со неизвршување на својата службена должност, без склучен писмен договор за изведување на водоводни линии или инсталации, без добиена потребна документација и без извршен надзор од порачувачот МЈП „Проаква“ Струга РЕ „Водовод“ Охрид, одобрил ЈП „Нискоградба“ – Охрид како изведувач, во 2011 година во Охрид да започне и за потребите на порачувачот да изведе реконструкција на гравитациона водоводна линија Ф 450 од бензинска пумпа „Макпетрол“ до каптажа „Бејбунар“.

Второпријавениот Е.С. во својство на службено лице раководител во Одделението за комунален развој во Општина Охрид, со неизвршување на својата службена должност, без да прибави потребна градежна и правна документација – проекти, одлуки, пресметки и друга неопходна документација,на 16 јули 2011 година изготвил, потпишал, заверил и до ЈП „Нискоградба“ доставил налог за работа за реконструкција на истата водовод- на линија на потег „Бејбунар“. Тоа го направил иако знаел дека работните ангажмани на истата линија од ЈП „Нискоградба“ веќе биле започнати предходно пред три и пол месеци без склучен писмен договор помеѓу порачателот и изведувачот.

На овај начин пријавените му нанесле значителна штета на ЈП „Нискоградба“ кое реконструирало – изградило гравитациона линија за која од 2011 година од ЈП„Проаква“ и од Општина Охрид неможела да го наплати својот работен ангажман и вграден материјал во износ од 11.323.836,оо денари (околу 182.000 евра). Штетата по јавното претпријатие се согледува и од дополнителното водење на судски спорови и трошоци за наплата на овај износ.