Нов проект „Наш специјалист“ на Министерството за здравство почнува со имплементација на 4 април како резултат на последните измени на Законот за здравствена заштита. Министерството со патен налог ќе упатува доктор специјалист од една во друга јавна здравствена установа до три дена односно најмногу до пет дена, во текот на месецот, со цел надминување на проблемите во здравствениот систем како резултат на недостиг на определени специјалисти во определени подрачја на државата.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека проблемот е создаден како резултат на недоволен број вработувања во минатото или недоволен број специјализации од различни области односно неводење сметка за човечките потенцијали во здравството кои се столб на секој здравствен систем.
„Поаѓајќи од проблемот кој го имаме детектирано, а тоа дека во определени подрачја на државата нема доволен број или воопшто нема специјалисти од некоја област и како резултат на тоа граѓаните од тој град или регион се принудени за конкретната здравствена услуга да патуваат до најблиската клиничка или општа болница во регионот со што се изложуваат на трошоци, а се прави и оптоварување на докторите кои работат во тие клинички и општи болници каде ја има таа специјалност одлучивме да предложиме вакви законски измени Министерството преку детална анализа да може да носи одлука за надминување на овој проблем“, посочи Тодоров.
Според него, трајно решение на овој проблем е создавање кадар во таа област. За жал, појасни, кадар во областа на медицината не може да се создаде преку ноќ, за тоа се потребни пет, шест и повеќе години и за да се надмине проблемот го претставуваме проектот „Наш специјалист“.
„Целта е до јуни 2016 година за 50 проценти да се намали упатувањето кон болниците или клиниките за конкретни специјалности со што ќе се намали времето на чекање во овие здравствени установи, а ќе се зголеми квалитетот на здравствената услуга затоа што докторите нема да треба да прегледуваат по 40, 50, а во некои градови дури и до 60 пациенти во текот на еден ден во кој е големо неговото оптоварување“, истакна Тодоров.
Потенцира дека направиле анализа на податоците од системот МојТермин и утврдиле во кои градови пациентите најчесто се упатувани во други градови или болници и колкав е тој број на упати во текот на еден месец и како резултат на тоа одлучиле да отпочнат во определени специјалности во определени градови.
Проектот на 4 април почнува во Берово и во Валандово.
„Во Берово констатиравме дека има голем број упатувања во две специјалности-ортопедија и неврологија. Затоа одлучивме во Берово од 4 април секоја сабота да упатуваме ортопед од 8 до 15:30 часот, кој ќе ги прегледува пациентите кои имаат потреба од ваков вид здравствени услуги. Во Берово изминатиот период имало 2.262 упати кон специјалист ортопед кои не можеле да се реализираат во градот од причина што нема специјалистичко консултативна амбуланта од областа на ортопедијата па пациентите се препраќале во Клиничката болница во Штип,“ рече Тодоров.
Посочи дека во Здравствениот дом во Берово секоја сабота од 8 до 15:30 часот ќе биде упатен и доктор невролог, имајќи предвид дека изминатиот период имало 1.161 упат на оваа специјалност на пациенти од тој град до друга здравствена установа главно во Клиничката болница во Штип.
„Во Валандово проектот стартува исто така на 4 април и секоја сабота од 8 до 15:30 часот ќе има специјалист од областа на неврологијата. Во тој град за невролошки прегледи имало 1.111 упати во изминатиот период со што се исполнети условите за испраќање доктор специјалист од оваа област. Проектот го спроведуваме наменски таму каде се забележани најголем број упатувања кон одредена специјалност со цел да се растеретат упатувањата и да се намали времето на чекање во болнциите и клиниките“, истакна Тодоров.
Проектот, нагласи, ќе го спроведуваме континуирано и планираме секоја недела да имаме најмалку еден до два нови града во кои ќе бидат упатувани специјалисти за специјалности за кои имало најголем број упатувања во болници во други градови или на клиниките во Скопје.
„Досега има интерес од здравствените работници за нивно вклучување во проектот во кој тие ќе бидат упатувани со патен налог, а ќе им бидат недоместени трошоците за пат и дневни трошоци од страна на здравствената установа во која ќе бидат упатени“, додаде Тодоров.