СОНК и Министерството за култура подготвуваат нов колективен договор

Министерството за култура и Синдикатот за образование, наука и култура ја завршуваат подготовката на предлог-колективен договор за дејностите во културата на национално ниво, кој ќе ги уреди правата и обврските на околу 3.300 вработени во овој сектор кои членуваат во СОНК.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска и претседателот на СОНК Јаким Неделков се надеваат на скорешна подготовка на документот, кој потоа ќе оди на јавна расправа која се очекува да заврши на крајот на мај.

„Многу близу сме до заокружување на спорните работи кои ни беа пречка за договорање и потпишување на колективниот договор. Убеден сум дека СОНК и Министерството за култура за многу кратко време ќе се усогласат и предлог-колективниот договор ќе го дадеме на јавна расправа, и за релативно кратко врме ќе дојде до потпишување на овој документ,“ изјави Неделков по средбата со Канческа-Милевска во просториите на СОНК.

Канческа-Милевска истакна дека колективниот договор ќе се базира на сериозна анализа за состојбата во културата за да биде квалитетно подготвен и за таа цел, како што рече, формирани се посебни работни групи за сите дејности на културата.

„Културата е доста специфична зашто опфаќа многу дејности кои треба да се следат со сериозно внимание – дали се работи за библиотечна дејност, музејска, сценска, заштита итн… секоја си има свои специфики. Се прават сериозни анализи се со цел набргу да излеземе со предлог колективен договор кој ќе се потпише и ќе ги опфати сите институции на национално ниво“, рече Канческа-Милевска.

Според Неделков, најголем проблем во културата во изминатите години е разликата во платите за исто работно место и иста дејност што, како што рече, е недозволиво.

„На пример, библиотекар со соодветно образование на едно место зема 20.000 денари плата, а во друга таква библиотека во друга општина зема помала или поголема плата за тоа работно место. Проблемите се лоцирани, но не е едноставна методологијата како тие да се решат. Се обидуваме да најдеме најбезболно решение за сите вработени-наши членови и никој да не биде оштетен“, истакна Неделков.

Во врска со проблемот што го посочи тој, министерката рече дека колективниот договор ќе биде усогласен со каталогот на работни места, кој е специфиран за сите институции по дејности, а е направен согласно со измените на Законот за култура. Во него се дефинирани три категории работни места – административен и стручен, уметнички и техничко-помошен. Договорот, исто така, треба да биде усогласен и со новите измени на законите за јавна администрација и за вработени во јавниот сектор.