Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, денеска, во Приштина оствари работна средба со министерот за животна средина и просторно планирање на Република Косово, Ферид Агани на која се дискутираше за унапредување на билатералната соработка во областа на заштита на животната средина.
Помеѓу другото, двајцата министри разговараа за интегрираното управување со водните ресурси, со посебен акцент на реката Лепенец,за координација на активностите за прогласување на прекугранично заштитено подрачје “Шар Планина – Кораб- Дешат” и прогласување на Шар Планина за национален парк, а разменија искуства и во областа на управувањето со отпадот .
Во однос на интегрирано управување со сливот на река Лепенец, министерот Изаири истакна дека е подготвен Аналитички извештај, додавајќи дека следен чекор би бил подготовка на заеднички План за управување со сливот на река Лепенец, за што постои можност за финансиска поддршка од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Косово во рамките на Инструментот за предпристапна помош од ЕУ – ИПА.
Што се однесува на Шар Планина, министерот Изаири информираше дека во наредниот период, приоритетна активност ќе биде подготовка на целокупната законска документација за прогласување на Шар Планина за национален парк, со што ќе се овозможат услови и за формирање на прекуграничното заштитено подрачје Шар Планина – Кораб – Дешат. Активноста ќе се реализира во рамките на претстојниот проект финансиран од ГЕФ „Остварување на заштитата на биолошката разновидност преку воспоставување и ефикасно управување со заштитени подрачја и вградување на биолошката разновидност во планирањето и користењето на земјиштето“.
Инаку, како информација беше посочено дека првичните иницијативи се покренати уште во ноември 2013 година кога во Тетово е одржана трилатерална средба меѓу претставници на Македонија, Албанија и Косово во врска со предложеното прекугранично заштитено подрачје “Шар Планина – Кораб- Дешат”, кое што, врз основа на Физибилити студија издадена во 2010 година од УНЕП, има потенцијал да стане најголемо заштитено подрачје во регионот на Југоисточна Европа.
Во текот на средбата беше договорено да се формира работна група од претставници на двете министерства за координација на заедничките активности.