Започна спроведувањето на шестите локални избори

Во седум часот утротво во неделата отворени се гласачките места за спроведување на шесттите локални избори од осамостокувањето на Република Македонија, на коишто ќе се избираат градоначалници и советници во 80 општини и за Градот Скопје.

Се гласа на 3.480 избирачки места, право на глас имаат 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати на 372 листи за членови на совет. За локалните избори за градоначалник и за советот на Град Скопје, своето право на глас можат да го искористат 461.321 граѓани запишани во избирачкиот список на 675 избирачки места.

Листите на кандидати за членови на совет и листите на кандидати за градоначалник, кои се поднесени од ист подносител, имаат ист реден број во сите општини.

Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Локалните избори, според соошпштението на Државната изборна комисија (ДИК), ќе ги следат 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. Акредитации се издадени и на 294 преведувачи и шест странски новинари.

Во саботата, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Општнската изборна комисија (ОИК) за Градот Скопје резултатите од гласањето ги пресметува врз основа на записниците со сумираните резултати од избирачките одбори и целокупниот изборен материјал. ОИК односно, изборната комисија на градот Скопје резултатите ги утврдува според бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидати за членови на советот односно за градоначалник, одделно врз основа на сумираните резултати од избирачките одбори.

Државната изборна комисија првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

ОИК првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од седум часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од избирачките одбори и ги истакнува на огласна табла во општината и ги соопштува на јавните гласила.

Изборната комисија на градот Скопје првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од 10 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од ОИК за градот Скопје и ги истакнува на огласна табла во градот Скопје и ги соопштува на јавните гласила.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Втор круг ќе се одржи во општините каде ниту еден кандидат за градоначалник не го добил потребното мнозинство гласови, а се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.

Ова се шести локални избори во Македонија по независноста. Првите се одржаа во 1996, потоа во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.

Извор: НетПрес