ОК на ВМРО – ДПМНЕ, испрати реакција во врска со прес конференцијата на СДСМ Охрид. Во неа се вели:
„Денес локалното раководство на СДСМ од Охрид се обиде преку нивната добро позната пракса со креирани, монтирани и неповрзани прислушкувани и приватни разговори, да внесат конфузија и сомнеж кај локалното население на Охрид во нивната сопствена и јасно изразена волја на локалните избори во 2013 година во Охрид.
Сите граѓани на Охрид вклучително и денешното раководство на СДСМ од Охрид, а и целокупната македонска јавност, мошне добро ги знаат причините за исходот од локалните избори во 2013 година во Охрид изразени со најголема изборна победа во историјата на Охрид или приближно 8000 разлика помеѓу нашиот кандидат и кандидатот на СДСМ. Добро знаат дека причините за толкавата разлика има долга генеза. Генеза која започна уште при изборите во 2005 година кога општинската изборна комисија поради дојава за поставена бомба во просториите на Локаната самоуправа мораше да ги напушти истите за да се промени тогашната волја на гласачите. Генеза која се напластуваше во наредните 8 години и која кулминира со изборите во 2013 година.
21009 гласови на најдобар можен начин илустрираа 21009 причини наталожени во период од 2005 до 2013 година и исто толку желби за коренити промени во Охрид.
8000 гласови разлика на најдобар можен начин илустрираа 8000 начини на изразување на незадоволство и негодување од општественото, економското, културното, социјалното и урбаното деградирање на Охрид од страна на минатото локално раководство во период од 2005-2013 година.
50-те милиони евра долг на општина, јавните претпријатија и школите на најдобар можен начин илустрираа 50 милиони трикови за грабеж на граѓаните на Охрид и исто толкав број на пропаднати надежи за економско заживување на Охрид во период од 2005-2013 година. Билдањето на астрономскиот долг од една страна и отсуство на одговорност за негово сервисирање кон оние кои со чесна работа, мака и пот сработиле за општина Охрид од друга страна, беа причини за затворање на многу фирми и компании во Охрид, активирање на хипотеки на имот поради неможност истите да си ги вратат кредитите, банкрот на многу наши сограѓани кои останаа на улица оневозможени да обезбедат гола егзистенција за сопствени семејства. Истите причини поради кои уште многу наредни локални раководства ќе бидат принудени да газат по трнлив пат, а граѓаните на Охрид за жал ќе бидат покуси за иста толкава сума на проекти и активности одземени од нивната иднина.
21009 причини за промени, 8000 начин за изразување на незадоволство и 50 милиони незаконски трикови и пропаднати надежи ги дефинираат фундаментите за промената власта во Охрид во 2013 година и која ќе повториме им е добро позната на сите вклучително и на сегашното раководство на СДСМ од Охрид.
Сецканите и монтирани разговори се само уште еден не успешен обид за манипулација на јавноста и евтин трик за дискредитација на поедини истакнати личности од нашата партија.“ – се вели во реакцијата од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.