Сите апарати со кои располага јавниот здравствен систем во Република Македонија се внесени во он-лајн регистар на медицинска опрема, кој е во рамките на апликацијата „Мој термин“, информираше на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Системот, што функционира од почетокот на овој месец, ги содржи сите неопходни податоци за Министерството и здравствената установа да знаат во секој момент со која опрема располага, во каква состојба е и слично. Според овој регистер на медицинска опрема, евидентирани се 7.912 апарати во целото јавно здравство во земјава во 120 јавни здравствени установи.
„За секој апарат се евидентираат видот, во кој оддел се користи, производител, модел, неговиот сериски број и тип, година на набавка на апаратот, основ на стекнување, податоци и за досегашно сервисирање… Регистарот содржи и фотографија од секој апарат со кој располагаме“.- рече Тодоров.
Установите, додаде, се задолжени каков било дефект на апаратот да го евидентираат во регистарот во рок од 24 часа, а пациентите кои имаат закажан термин ќе бидат известени навреме дека не може да се реализира прегледот.
„На овој начин ќе се избегне непотребно доаѓање на пациентите во болница кога апаратот е расипан, односно навремено нивно информирање, со цел изнаоѓање соодветно решение за потребната здравствена услуга.“- додаде Тодоров.
Секоја здравствена установа има обврска да назначи одговорни лица за евиденција на медицинска опрема кои се задолжени да ја следат состојбата со опремата и нејзината функционалност. Тие имаат пристап до регистарот за навремено ажурирање на податоците.
Од 2006 до 2014 година набавени се 4.312 медицински апарати или околу 60 отсто од вкупниот број се набавени во овој период.