Над 100 компании во Украина се запознаа со можностите за инвестирање во Македонија. Денеска на бизнис форум предностите за инвестирање во Киев ги претставија вицепремиерот за економски прaшања Владимир Пешевски, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и амбасадорот на Република Македонија во Украина Столе Змејкоски.
Како што соопштија од Кабинетот на вицепремиерот, бизнис форумот е во заедничка организација на Амбасадата на Република Македонија во Украина и компанијата KPMG, а присуствуваа претставници од вкупно 40 компании.
За време на посетата на Украина, вицепремиерот Пешевски и министерот Павлески поволните услови за инвестирање во Република Македонија ги презентираа на уште два бизнис форуми, организирани во соработка со Стопанската комора на Украина и во соработка со Украинско – Британската комора за трговија. Вкупниот број компании пред кои беа презентирани предностите за инвестиции во македонската економија надмина бројка од 100 компании.
Во соопштението се додава дека вицепремиерот Пешевски и министерот Павлески одржале и повеќе работни средби со претставници на компании од различни бизнис сектори кои пројавиле особен интерес за инвестициските можности во Македонија.