Државниот завод за статистика, врз основа на податоците од Анкетата за приходи и услови за живеење која се спроведува во согласност со препораките на Европската унија, ги пресмета Лаекен индикаторите за сиромаштијата за 2013 година. Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60% од медијалниот еквивалентен приход.
Според податоците, во 2013 година, стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесуваше 24.2%. Анализирани по типови на домаќинства, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2013 година изнесува 24.8%. Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни вработени лица е 11.1%, додека стапката на сиромашни пензионери е 10.9%. Коефициентот Gini (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 37.0%.