Врачени првите привремени лиценци за инспектори

Во Инспекцискиот совет свечено беа врачени првите привремени лиценци за инспектори, како дел од започнатите реформи на инспекцискиот надзор во Република Македонија.

На свеченоста присуствуваше министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, претседателот на Инспекцискиот совет, Ванчо Каргов и раководители на инспекциски служби. Во своето обраќање министерот Ивановски истакна дека функционирањето на инспекциските служби има големо значење за успешното остварување на надлежностите на извршната власт затоа што преку нив извршната власт го следи и контролира спроведувањето на прописите од страна на сите субјекти на кои тие прописи се однесуваат.

„Воведувањето на лиценца за инспектор, како основен услов за стекнување на звање инспектор е новина кај нас која е опфатена со Законот за инспекциски надзор. Познавањето на општата управна постапка, инспекциската постапка, прекршочната постапка, како и посебната постапка од областа на инспекциската служба, се основните и клучни предуслови за секој инспектор, кој преку полагање испит го докажува и покажува своето знаење.“– рече Ивановски.

slInspek1_g

Тој додаде дека меѓу министерството и Инспекцискиот совет постои одлична соработка, во рамките на која се донесени сите потребни подзаконски акти кои произлегуваат од Законот за инспекциски надзор.

Претседателот на Инспекцискиот совет Каргов соопшти дека во тек се подготовки на испитните прашања, а во наредниот период ќе се одржуваат обуки за подготовка на инспекторите за полагање на испит. Откако ќе го положат испитот, инспекторите се стекнуваат со шестгодипна лиценца за работа. Тие ќе добијат нови инспекторски легитимации, кои се должни да ги носат и со нив да се легимираат при вршењето нспекциски надзор.

slInspek3_m