Во консултација со надлежниот Јавен Обвинител, во врска со вчерашните насилни протести, СВР Скопје досега изготви кривични пријави против четири лица од Скопје на возраст од 26 до 40 години. Четворицата се товарат дека сториле кривично дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување на службени дејствија“, предвидено и казниво по член 384 од КЗ.
Првоосомничениот Б.Ј.(1974) и досега бил пријавуван од полицијата. Против него се поднесени 40 кривични пријави во врска со разбојништва (15), тешки кражби (9), кражби (5), насилства (2), спречување на службено лице во вршење работи од безбедноста (1), убиство во обид (1), противправно лишување од слобода (1), учество во тепачка (1), насилство извршено во група (1), телесна повреда (1), фалсификување исправа (1) и измами (2). Освен кривично, првоосомничениот 16 пати бил и прекршочно гонет со пријави за нарушување на Јавниот ред и мир и согласно Закон за оружје.
Познат на полицијата е и третоосомничениот С.П.(1989) кој со кривична пријава во 2011 година бил гонет за насилство, а против него се поднесени и 32 прекршочни пријави во врска со нарушен ЈРМ.
Останатите двајца Б.Т.(1984) и А.Т.(1985) не евидираат во полициските евиденции.
Освен нив, како учесници во насилните инциденти во кои беше нападната полицијата, досега се идентификувани уште девет други лица од кои седуммина од Скопје и две лица од Битола. Едно од овие лица и претходно и е познато на полицијата бидејќи против него во два наврати се поднесувани кривични пријави за недозволена трговија со наркотици. За нив се уште се утврдува евентуалната кривична или прекршочна одговорност и по извршените консултации со надлежниот јавен обвинител ќе биде процесуиран соодветен поднесок.
Министерството за внатрешни работи врз основа на бројните снимки објавени во медиумите, но и снимките обезбедени од видео-надзорот, продолжува да работи на целосно документирање на вчерашните брутални насилства, откривање на учесниците и нивно изведување пред лицето на правдата.