Словенечкиот амбасадор во Република Македонија Бранко Раковец денеска имаше работна средба со претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска и раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој Ѓоко Апостолов. Во конструктивна и пријателска атмосфера, беше оценето дека двете држави имаат одлични меѓусебни односи , што е добра основа за продлабочување на соработката со збратимените градови Пиран и Птуј од Словенија.
На средбата, словенечкиот амбасадор Бранко Раковец, најави дека во текот на месеците јуни или јули во Охрид ќе се отвори почесен конзулат. Со тоа, како што беше речено на средбата, ќе се создадат услови граѓаните и бизнис заедницата директно да добиваат информации за можните форми на соработка.
Претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска и раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој Ѓоко Апостолов, потенцираа дека очекуваат словенечка поддршка во користењето на средства од европските фондови и најавија дека во месец септември во Словенија ќе се организира презентација на туристичката понуда на Охрид.