Со изведба на македонската и европската химна, денес, на малиот плоштад кај старата Градска библиотека започна одбележувањето на Денот на Европа. Учениците од основите училишта од Охрид, преку уметничко изразување ги презентираа културите на земјите членки на ЕУ. Со тоа најмладите ја испратија пораката на ЕУ до граѓаните и ги запознаваа со приближувањето на земјата кон полноправно членство во евроатлантските структури.
Претседателката на Советот на општина Охрид, во своето поздравно обраќање во име на градоначалникот, Никола Бакрачески на присутните им го честита Денот на Европа и при тоа додаде дека само со истрајна и посветена работа во спроведувањето на реформите и брз почеток на пристапните преговори, наскоро приемот на Република Македонија во европското семејство ќе го прославиме на истиот овој плоштад.
Денешното одбележувањето на Денот на Европа во Охрид, го чувствуваме како чекор напред во забрзувањето на македонските евроинтеграциски процеси. На локално ниво интензивно работиме на јакнење на капацитетите на локалната самоуправа, користејќи ги европските искуства. Уверени сме дека општина Охрид, меѓу првите ќе ги почувствува бенефитите од реализирањето на заеднички проекти со европските партнери, истакна претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска.
Претставникот на делегацијата на Европската унија, амбасадорот на Република Словенија, Бранко Раковец, во своето обраќање на македонски јазик, подвлече дека Република Словенија е голем подржувач на политиките за проширување на ЕУ, базирајќи се врз почитување на обврските и критериумите кои произлегуваат од процесот на проширување од страна на државите пристапнички и државите кандидатки.
Во тие рамки Словенија ќе продолжи да ги подржува државите од Западниот Балкан, а со тоа и Македонија, која веќе предолго време го има статусот на држава кандидат и сите посакуваме поголем напредок на нејзиниот пат кон членството во ЕУ, додаде амбасадорот Раковец.
По завршувањето на пригодната свеченост, амбасадорот и претседателката на Советот, заминаа во посета на една од најуспешните словенечки компании во Македонија, ЛТХ Леарница – Охрид. На средбата покрај Амбасадорот и Претседателката беа присутни и претставници на Стопанската комора на Македонија, каде директорот на ЛТХ Леарница, Роберт Водушек ги презентира производствените капацитети, начинот на работа и идните планови на оваа успешна компанија.